Првиот вицепремиер и министер за политички систем меѓу заедниците Артан Груби вечерва изјави дека е разочаран од упадот во М-НАВ, дека тоа било сосема непотребно, дека ДУИ нема никаква врска со случајот, и дека никој не е над законот. Според него, во земјата има општествена хистерија, особено кон ДУИ.

-Повикавме законот да важи за сите исто и повикавме јавноста да не суди и медиумите да не бидат истражители и обвинители и судии и да судат пред да се увидат сите факти. Имаше невиден притисок врз судиите од јавноста и медиумите, рече Груби во емисијата „24 Анализа“ на ТВ 24.

Груби рече дека разговарал со Беким Незири и другите кои учествувале за да ја слушне нивната страна.

-Разговарав со Премтим на телефон зошто и двајцата ми се другари и тој е во роднинска врска со Незири. Сите што беа вклучени во тој инцидент се вработени во институциите и беа на работното место. Беким воопшто нема учествувано во физичка пресметка со Премтим или кој било друг. Ниту настанот се случил во контролната кула. Беким ниту ја отворил вратата да има тепачка. Тој работи таму и е советник на генералниот директор. Настанот нема никаква врска со ДУИ, рече првиот вицепремиер и функционер на ДУИ.

Груби во емисијата телефонски го побара Омер Буњаку, кој во медиумите се посочува како еден од напаѓачите, за јавноста, како што наведе, да се увери дека тој е дома и дека обвинителството може да го најде во секое време. Буњаку во телефонскиот разговор рече дека сите кои тврделе дека учествувал во инцидентот во М-НАВ ќе ги тужи и побара јавно извинување.

– Омер Буњаку е дома. Тој ниту бил таму, ниту учествувал во тепачката, ниту е вработен таму. Го демантираше тоа јавно, веста не се провери, туку се пумпа со лажни вести. Сето ова се прави да се поврзе инцидентот со ДУИ. Ова е резултат на хистеријата, рече Груби.

Ако Омер Буњаку бил дента во М-НАВ, потенцира Груби, ако учествувал во тоа, ќе поднесе оставка од секоја позиција во политиката и никогаш нема да се занимава со јавна функција.

Според Груби, за случајот со М-НАВ притисок вршеле дел од министрите на СДСМ односно како што кажа „експоненти“ на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, албанската опозиција, а ДУИ, според него, никогаш не се мешала во судството.

-Има општествена хистерија, а посебно во однос на ДУИ, бидејќи постојано победува, а особено со кампањата на ВМРО-ДПМНЕ дека ДУИ владее, дека има контрола во повеќето институции, дека Албанец ќе биде премиер… што е апсолутно неточно, рече Груби. Според него, етнички прашања во јавноста немало шест години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.