Вицепремиерот Артан Груби денеска порача дека институциите треба да бидат пример за штедење и на струја и на сите државни ресурси. Уверува дека владините институции прават максимални напори за заштеди во услови на економско-енергетската криза.

Груби при посета на општина Арачиново на прашање на новинарите дали службените автомобили треба да работат додека тој дава изјави рече дека тоа не треба да се прави и повика да се пријави секое непочитување на мерките за штедење.

Не знам кои автомобили работат, не сум возач. Апсолутно не треба да работат. Сметам дека сите граѓани и посебно институциите најпрво и челниците на институциите треба да бидат пример за штедење и на електрична енергија и на сите државни ресурси, рече Груби.

Тој апелираше до новинарите секојдневно да ги проверуваат сите институции, почнувајќи од Владата, Собранието, министерства, кои мерки за штедење ги применуваат согласно со владината одлука што стапи во сила од 1 септември.

Груби наведе дека и пред одлуката на Владата Министерството за политички систем што го раководи тој го исклучувало осветлувањето по работното време.

Се соочуваме со многу тешка зима, не само ние, туку целиот наш континент, и затоа апелирам прво ние да бидеме пример, но и граѓаните да ја штедат максимално електричната енергија, рече Груби.

Тој негира дека не се почитуваат мерките за штедење, а како што информираше, синоќа намерно поминал покрај зградите на Собранието, Владата, министерствата за надворешни работи и за политички систем, СОЗР, СЕП, МЖСПП, Финансиската полиција и утврдил дека имало светла само на еден кат, но откако се јавил на министерот за животна средина Насер Нуредини биле исклучени.

Ве повикувам секој таков пример којшто ќе го видите да ни кажете и да реагираме веднаш, рече Груби.

Вицепремиерот смета дека не е голем трошок одењето на владината делегација на Самитот на Отворен Балкан затоа што, како што рече, Белград е блиску и таму имаме наши ресурси, односно амбасада и резиденција, а се прави промоција на државата во рамки на иницијативата.

-Сметам дека настанот е од огромно значење затоа што се организира и винскиот саем и истовремено се потпишуваат многу битни договори во рамки на иницијативата Отворен Балкан и не се сите цело време таму. Ве уверувам најискрено дека максимално се обидуваме да штедиме, посебно во однос на електричната енергија, но и по другите ресурси затоа што сме единствена Влада која што си усвои етички кодекс и која што си поставува граници за трошење самата себеси, изјави Груби, кој во Арачиново присуствуваше на пуштање во употреба на нова водводна мрежа



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.