Креирање на политики за добро владеење и нивното имплементирање мора да бидат императив, ако сакаме да обезбедиме целокупен општествен напредок, порача заменик- претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на денешниот Форум по повод 100 дена од мандатот на новата Влада на Република Македонија.

Самиот факт дека во Владата на Република Македонија е формиран Кабинет за политики за добро владеење, чии приоритети се транспарентноста, отчетноста, професионалноста на институциите, антикорупциските политики, како и дигиталната трансформација на општеството, според Грковска, е јасен показател дека оваа Влада оди чекор понатаму во процесот на обезбедување одговорно и ефикасно општество, кое ќе биде сервис на граѓаните.

Напредок е возможен само доколку сите чинители во општеството се активно вклучени во сите процеси и затоа остваруваме тесна и интензивна соработка со сите надлежни институции со кои имаме ист или сличен интерес и поле на работа, како што се Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Бирото за јавни набавки, Инспекцискиот совет, но и со граѓанскиот сектор. Сите ние заедно работиме на детектирање на слабостите на системот и на креирање на решенија за тие слабости да ги надминеме, порача Грковска пред присутните на Форумот.

На Форумот воведно обраќање имаше премиерот Димитар Ковачевски, по што  следуваа панел сесии со премиерот, вицепремиерите и министрите. На Форумот по повод 100 дена од мандатот на новата Влада на Република Македонија присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, стопанските комори, граѓански организации, институции, медиуми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.