Граѓаните се против внесување на Бугарите во Уставот и покрај тоа што ова е услов за почеток на предговорите со Европската Унија, покажува последното истражување на јавното мислење кое за потребите на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според него, 56,1% од граѓаните се сметаат дека не треба да се промени Уставот и во него да се внесат Бугарите и останатите народи за да се продолжи со преговорите со ЕУ. Само 27,5% од анкетираните даваат поддршка за уставни измени.
Најголем дел од тие кои што поддржуваат уставни измени се етнички Албанци. Дури 79,3% од етничките Албанци даваат поддршка на внесувањето на Бугарите во Уставот додека дури 72,4% од Македонците се против. Поддршка на уставни измени со цел внесување на Бугарите во Уставот дава само еден од десет Македонци или 11,2% од анкетираните. Сосема различните ставови на Македонците и етничките Албанци ги комплетира податокот дека само 8,8% од етничките Албанци се против уставни измени.
Три четвртини од граѓаните велат дека се доволно информирани за тоа во што се состојат уставните измени и најголемиот дел од нив стравуваат дека тие ќе имаат негативни последици врз земјата.
Анкетата покажува дека 75,4% од анкетираните рекле дека знаат во што се состојат уставните измени наспроти само 17,3% кои рекле дека немаат информации. 60,8% од анкетираните се на ставот дека уставните измени ќе имаат негативни последици за земјава додека 19,1% не очекуваат негативни последици. И за ова прашање прилично спротивставени ставови меѓу Македонците и етничките Албанци. Додека 71% од Македонците сметаат дека уставните измени ми имале негативни последици за земјата, таков став делат само 31% од Албанците кои во мнозинство од 42% сметаат дека нема да има негативни последици. Ваков став делат само 11,2% Македонци.
Мнозинството граѓани не очекуваат ниту нешто позитивно од уставните измени. 54,5% велат дека уставните измени нема да имаат позитивни последици за земјата, додека 28,3% сметаат дека ќе има.
И тука, мнозинството го прават етничките Албанци. Додека 73,2% етнички Албанци сметаат дека уставните измени позитивно ќе се одразат врз Македонија, спротивен став имаат дури 66,6% од Македонците.
Мнозинството граѓани очекуваат опозициската ВМРО-ДПМНЕ да остане доследна и да не дад поддршка на уставните измени. Ваков став имаат 42% од анкетираните додека една четвртина или 25% очекуваат најголемата опозициска партија да го смени ставот. Гледано по етнички групи, 45,7 од Македонците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане доследна наспроти 43,3% етнички Албанци кои очекуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе попушти. Дека опозицијата ќе гласа за уставните измени сметаат само еден на секои пет Македонци или 19,2% додека секој трет Албанец или 33% од анкетираните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставните измени.
Мнозинството граѓани не се согласува со уставни измени дури и во ситуација Македонија да добие дополнителни гаранции. 45,3% од анкетираните велат дека не би прифатиле промена на Уставот и да продолжат преговорите со ЕУ заедно со дополнителни гаранции кои би ги добила Македонија. Поддршка за уставните измени во ваква ситуација даваат 35,7% од анкетираните И тука, очекувано сосема различни ставови меѓу Македонците и Албанците.
57,9% етнички Македонци се против промена на Уставот дури и во ситуација кога би добиле дополнителни гаранции додека 21,9% велат дека во таков случај би дале поддршка за уставни измени. Кај Албанците 78,5% даваат поддршка за уставни измени додека само 7,7% се против.
Анализата на возрасната структура на одговорите покажува дека најголеми противници на промена на уставот се повозрасните граѓани додека најмало противење има кај младите.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај, годинава врз репрезентативен примерок од 1112 испитаници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.