Мафијашките градежни фирми кои постојано соработуваат со криминалните партии на сите нивоа на власт, се причинители за голем број трагедии на загубени животи на градежните работници на работното место, велат од Левица, од каде потенцираат дека таков е случајот и со два последователни инциденти на фатална повреда на работното место кон крајот на минатата година поради нечовечките и опасни услови за работа во дејностите на градежните фирми блиски до власта.

Зачестеноста на овие трагедии, сепак, се надоврзува на долгогодишната мрачна реалност во овој криминален сектор, во кој апетитите на газдите и политичарите директно придонесуваат до смртни случаи на физичките работници во оваа опасна дејност. Постојано сведочиме за физички повреди на работното место при вршење на работни задачи поради непочитувањето на прописите за ХТЗ заштита и стандарди кои задолжително се предвидуваат во законска материја. По цена на животите и здравјето на работниците, мафијашките градежни фирми условите за работа ги донесоа на неоптимално и против законско ниво, за максимизирање на профитот кој потоа им дозволува поткуп на политичари, обвинители и судии, отпочнувајќи го маѓепсаниот круг одново. СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, во нивната ротација, ги имаат расчеречено судството и институциите да служат на бизнис интересите на злосторничката олигархија, која за возврат ја спонзорира нивната жед за моќ и пари. Животите на работниците и нивните семејства служат како валута за остварување на заработка на извалкан капитал, затоа и законските прописи кои ја регулираат работата се со цел на задоволување на крупниот капитал, а понатамошното задоволување на прописите – оставено на вољата на фирмите, велат од Левица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.