Во однос на прашањето дали имаме медицинска опрема која што е набавена, а не се употребува во другите јавни здравствени установи, да – имаме. И еве го конкретно утврдената состојба ако може да забележите и на веб-страната на ДЗР во точката 4.1 за конечниот ревизорски извештај за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизорна усогласеност на болницата во Битола кажува: „Во просториите на болницата во посебен објект бункер сместен е линеарен акцелератор кој до денот на ревизијата не се користи и не е внесен во сметководствените евиденции.

Ова го истакна главниот државен ревизор Максим Ацевски на денешната собраниска Комисија за финансирање и буџет на која се дискутира за финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје, одговарајќи на прашање на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Жалкина Пешевска.

Од одговорните лица добиено е образложение дека апаратот е набавен од страна на Министерството без да биде доставена документација до болницата, а истиот не се користи поради недостиг на дополнителна опрема потребна за негово функционирање како недостиг на соодветен квалификуван кадар. Со направениот увид во електронскиот систем за јавни набавки врз основа на објавените огласи за јавни набавки и известување за склучени договори утврдивме дека Министерството има спроведено повеќе постапки поврзани со акцелераторот. Имено, во текот на 2012 година склучен е договор за набавка на линеарен акцелератор со вредност од 100.000.015 денари или 1,6 милиони евра, а за поставување на истиот во 2013 година склучен е договор за изградба на бункер во вредност од 46.799.000 денари или 761.000 евра. Во текот на 2017 година склучен е договор за набавка на онколошки информациони системи, системи за запишување и свикување на радиолошки третман и системи за планирање на третман во вредност од 24. 774.000 денари или 403.000 евра. Имајќи ја во предвид потребата од подобрување и зголемување на достапноста на онколошките здравствени услуги и рационалното користење на буџетски средства ревизијата укажува дека е потребно во најкус можен рок да се преземат активности од страна на болницата во соработка со Министерството за ставање на апаратот во употреба“. Ова е јасно и гласно кажано и во суштина секаде каде што вршиме ревизија во јавните здравствени установи ги истакнуваме состојбите во делот на набавка на медицински апарати, рече Ацевски.

Прашан дали државата е толку богата за да набавува медицински апарати и да не ги става во функција во корист на граѓаните, Ацевски рече дека тие не можат да го постават тоа прашање, туку пратениците.

Тој потенцира дека утрово до претседателот на Комисијата за финансирање и буџет испратиле заклучоци со кои велат Собранието да ми препорача на Министерството за здравство да се обрати до сите јавни здравствени установи да достават информации дали располагаат со медицинска опрема која е набавена, а не е ставена во функција.

Ние не можеме да го поставиме како прашање. Вие како пратеници сигурно верувам дека можете да го поставите и затоа како ДЗР сакајќи да дадеме додадена вредност во работењето на јавните здравствени установи, додадена вредност во работењето на Собранието, а впрочем и ваша додадена вредност утрово ги доставивме нашите сугестии до претседателот на Комисијата за финансирање и буџет и стручните служби каде ги подобривме заклучоците и велиме: „Собранието му препорачува на Министерството за здравство да се обрати до сите јавни здравствени установи да достават информации дали располагаат со медицинска опрема која е набавена, а не е ставена во функција, да ги елаборираат причините за таквата состојба и да преземат активности со надлежните органи истата таа опрема да ја стават во функција во интерес на граѓаните и во интерес на давање на квалитетна здравствена услуга на нашите граѓани“. Тоа како ДЗР може да го направи, рече Ацевски.

Тој информира дека како ДЗР до Собранието доставиле препораки во делот на подготвување на програмите за здравствена заштита.

Еднаш засекогаш мора да заврши активноста во која што предлагаме програми со активности, а без обезбедени финансиски средства. Не можеме да ги ставаме јавните здравствени установи дека секогаш се виновни за се и да бараме од јавните здравствени установи да спроведат секакви активности, а во суштина да не им доделиме финансиски средства. Таквите активности мора да застанат еднаш засекогаш. Но, ова не е проблем од денес. Ова е проблем од претходните 15 и повеќе години. Се сеќавам со мојата ревизија која што сум ја правел во Министерството за здравство и претходно во други јавни здравствени установи каде што ова е константна појава, но затоа треба да застанеме и да речеме – доста е, нема да подготвуваме вакви програми или програмите ќе ги направиме во рамките на обезбедените финансии и средства. Но, тоа не значи дека треба таквите програми да го ограничуваат квалитетот и потребите на пациентите, односно на граѓаните на нашата држава. Мора да се обезбедат средства за сите подеднакво да бидат рамноправни во вклучување на соодветната терапија, рече Ацевски.

Пратеникот на СДСМ Панчо Минов истакна дека впечаток е дека расправата се одвива на релација: претседател на комисијата – пратеници од опозицијата – позитвни квалификации на државниот ревизор, со една конструкција за одговорност на владата, на министерството за здравство, на фондот за здравство.

Сите ние овие констатирани неправилности и незаконитости крајно ги осудуваме и сите сме на иста линија по борбата за нивно надминување и потенцирам во повикивањето на одговорноста на секој што истите ги сторил и посебно што врз база на таа неправилност и незаконитост извршил и кривично дело. Државниот ревизор неколку пату укажува дека работата е од пред 20 години, листите на лекови не се ажурирани од 2015 година, во извештајот на државниот ревизор од 2012 и 2008 година има исти констатации дека се пречекоруваат буџетските средства и не се одобрени од фондот за здравствена заштита. Да не извлекуваме од оваа работа непотребни селекции, кој е одговорен, секој што е во рамките на овие неправилности и незаконитости, треба да биде одговорен, без разлика дали е од оваа влада или од претходната влада, од ова министерство или од претходно министерство, порача Минов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.