Здружението „Гласен Текстилец“ изминатите денови имале пријави од страна на работници но и граѓани за непочитување на мерките и препраките на Владата за работниците за време на топлотниот бран. Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ за МИА вели дека пријави им пристигнале од Штип, Скопје и Свети Николе.

Од Скопје и Штип имаше пријави за градежни работници, работници од јавни претпријатија во текот на вчерашниот ден. Гледаме да реагираме со Трудовиот инспекторат и за ослободување и на бремените жени, а за хронично болните министерството за здравство сметаше дека нема потреба да бидат ослободени од работа, вели Ампева.

Посочи дека зголемена е свеста кај работниците,но и на граѓаните кои пријавуваат работа на градежните работници на отворено. Таков пример имала вчера од страна на граѓани, кои реагирале дека градежни работници работат на објект, како и дека на терен се и работници од јавни претпријатија од Скопје.

Граѓаните прашуваат каде да пријават, значи тие приметуваат дека се прекршуваат правата на работниците и работат на изложеност на сонцето, а се знае од колку до колку не смеат да работат. Така да мене ми е многу мило што самите се јавуваат на телефоните на Трудовиот инспекторат, рече Ампева.

Таа посочи дека во овој период имаат и добра соработка со инспекторите, кои веднаш реагираат на терен.

Додека се вршени тие контролни надзори можам да кажам дека се ослободени голем број на бремени жени од текстилниот сектор, потоа има супер маркети, па и во здравствена установа. Но интересно е дека при тие надзори најдени се и голем број на непријавени работници. Така да овде имаме поопсежна работа на терен, вели Ампева.

Прашана за реакцијата на текстилни работнички дека се возат во неклиматизирани автобуси, на некои од нив за да влезе воздух можат да се отварат два или три прозоци, Ампева потврдува дека вакви реакции имаат од работничките во овој сектор и веќе има реагирано до надлежните институции.

За превозот на работниците ми е жал што сообраќајна полиција не е присутна на терен за да виде дека има претовари во автобусите со кои се превезуваат работници. Не можам да кажам за сите работодаваци, но има и кои имаат сопствен превоз и се придржуваат до мерките. Генерално сликата е таква, каква што е и може да се виде на постојките од 14.30 па понатаму кога работниците заминуваат дома од своите работни места, вели Ампева.

Посочи дека информиран е и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, а веќе денеска добила одговор од него оти општинскиот сообраќаен инспектор ќе се координира со сообраќајната полиција и инспектор од безбедност и здравје на работа да излезат на терен и да видат во какви услови се превезуваат работниците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.