Колумна на Бранко Героски по одлуката на Апелацискиот суд да ја укине пресудата за „Организаторите на 27 април“.
На 26 јули 2012 година, под наслов „Осудивте невин човек, друже судија!“, меѓу другото, на судијата Илија Трпков му се обратив со следните зборови:
„Вашата осудителна пресуда е политичка. Можеби Вие и не сте сосема виновни за тоа, но дилеми нема – ова е класичен политички реваншизам и брутална одмазда спакувани во вид на судска пресуда!
Трајко Вељаноски е ‘виновен’ исто толку колку што бил ‘виновен’ и Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, во 1946 година осуден на 11-годишна затворска казна поради наводен обид за бегство во Грција. Ако Апелацискиот суд не ја собори Вашата пресуда, друже судија, Трајко Вељаноски ќе лежи во истиот затвор во кој лежеше и Ченто, а Вие ќе ја понесете ‘славата’ на судиите што го осудија првиот претседател на Президиумот на АСНОМ – Панта Марина, Коле Чашуле (постариот) и Лазар Мојсов.
А јас сум сигурен дека и Вашата пресуда, друже судија, еден ден ќе биде укината како што беше укината и пресудата за Ченто и дека за тоа нема да мора да чекаме половина век“.
И ете, навистина не моравме да чекаме половина век…
Скопскиот Апелационен суд ја укина пресудата за лицата обвинети дека се организатори на настаните во Собранието на 27 април – Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
Не ми е баш по волја тоа што Министерството за правда реши да се огласи по повод оваа одлука – бидејќи сметам дека извршната власт ни под разно не смее да коментира судски одлуки! – но морам да нагласам дека беше крајно време некој јавно да ги опомене судиите за суштествените повреди во кривичните постапки и за намерните или ненамерните пропусти при утврдувањето на битните факти за кривичните дела што обвинителите им ги ставаат на товар на обвинетите.
И не мора баш Министерството за правда да го повикува Судскиот совет веднаш да реагира и да преземе мерки за утврдување на околностите врз основа на кои е донесена првостепената пресудата. Судскиот совет може и самиот да се сети да поведе постапка, вклучувајќи и дисциплинска, „ако се утврди дека некои свесно или несвесно со своите постапки дозволиле довербата во правосудниот систем да падне на најниско ниво“ (цитирам делови од реакцијата на Министерството).
Нејсе…
Ова е тешка шлаканица за судијата Илија Трпков.
Тешка, ама заслужена!
Го следев процесот за лицата обвинети дека се организатори на настаните на 27 април и темелно се запознав и со обвинението и со аргументите на одбраната на Трајко Вељаноски. Напишав неколку написи за овој случај. Јавно изнесов многу сериозни аргументи зошто пресудата мора да биде ослободителна. Сите сведоци на настаните кои дадоа искази во судница, вклучувајќи го и тогашниот пратеник Зоран Заев, не гледаат никаква, а најмалку кривична одговорност кај Вељаноски. Тоа го потврдуваат и сите материјални докази. А сепак, во првостепената пресуда, Трпков ги осуди и него и другите за – тероризам.
Уважувајќи ги жалбите на обвинетите, скопска Апелација оценила дека при постапувањето по овој кривичен предмет се сторени суштествени повреди на кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право, односно Кривичниот законик. Освен тоа, првостепениот суд го повредил и правото на одбрана на обвинетите, бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за примената на Законот за амнестија.
Ќе ни објасни ли судијата Трпков кој го натерал да стори суштествени повреди на кривичната постапка?
И кој го спречил правилно да го примени материјалното право?
Не му е ова прва пресуда што му паѓа на Апелација!
Да потсетувам ли на „Ровер“? Патем речено, тоа беше во времето на Груевски…
На Трпков му се случи нешто уште потрагично. Во предметот „Плацеви на Водно“, одлучувајќи после него, скопска Апелација донесе мериторна одлука. Овој пат апелационите судии не му го вратија предметот на повторно судење, туку самите донесоа пресуда. Не е ли тоа уште поголем срам за судија што пресудил во прв степен?
Гледам, сега, при повторното судење во предметот „Таргет-Тврдина“, судијата Трпков пак не ги почитува насоките на Апелација. Тој пак прави суштествени повреди на постапката и мислам дека пак го води процесот кон погрешна примена на материјалното право.
Има ли објаснување за ваквото поведение на овој, но и на повеќе други македонски судии?
Целата колумна на Бранко Героски ТУКА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.