Средбата во Мала Речица беше уште една порака упатена до јавноста дека во спорот меѓу Скопје и Софија, Али Ахмети е на страната на своите софиски пријатели, реагира уредникот Бранко Героски во својата последна колумна, зборувајќи за средбата на лидерот на ДУИ со новиот амбасадор на Бугарија во Скопје, Жељазко Радуков, на големиот национален празник 11 Октомври.

Замислете, на 28 Ноември, на Денот на албанското знаме, националниот празник на Албанците, делегација на ВМРО-ДПМНЕ на чело со лидерот Христијан Мицкоски, да се сретне со српскиот амбасадор во Македонија. А потоа, oд средбата да биде издадено официјално соопштение, во кое ќе се каже дека владејачката партија изразила ставови идентични со позициите на Белград во спорот со Приштина.

Како би го доживеале тоа Албанците во Македонија?

Како тешка провокација што ги загрозува меѓуетничките односи во Македонија. А како поинаку?

Секој Албанец би рекол – погледнете, Мицкоски нè предаде!

Не го сакам тој тежок збор, но да – во случајот, тоа би било рамно на предавство.

Како би реагирала коалицијата Вреди, која е партнер во Владата?

Како би реагирала опозициската ДУИ?

Најостро. Во најблагата форма, би барале повлекување на изјавата и јавно извинување од Мицкоски. Но, не би било неочекувано еден таков непромислен гест да доведе и до сериозна политичка криза, па и до распад на владејачката коалиција.

Она што Мицкоски нема да го стори на 28 Ноември, го стори Али Ахмети на 11 октомври, на Денот на народното востание.

11 Октомври е важен датум во поновата историја на Македонија, бидејќи го означува почетокот на народното востание против фашистичката окупација во Втората светска војна. Тоа што некои луѓе во Бугарија сега велат дека 11 Октомври бил „антибугарски празник“, тоа само покажува дека тие се самоидентификуваат со марионетската фашистичка влада на Бугарија, која ја предводела окупацијата на Македонија, од 1941 година до капитулацијата на таа влада во 1943 година.

Целата колумна на „Плусинфо“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.