„Никогаш од бугарска страна“.
Ваков е кусиот одговор на бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, на новинарското прашање дали е можно подметнатиот пожар во бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола да е провокација од бугарска страна за да ги наруши односите меѓу двете држави.
Клубот беше отворен на 16 април и до сега немаше никаков инцидент, освен овој сега, со палување на влезната врата извршен непосредно пред почетокот на дводневната работна посета на Генчовска во Македонија на покана на министерот Бујар Османи.
Овој инцидентот нема да ги наруши односите. Продолжуваме со многу конструктивниот дијалог. Морав да излезам од средбата со Бујар Османи, сега се враќам повторно, продолжуваме. Мислам дека ќе се договориме за нештата кои треба да се завршат од страна на Македонија да биде исполнет договорот – истакна Генчовска.
Генчовска изјави дека одлуката дали ќе го дигнат ветото за почеток на пристапните преговори со ЕУ во јуни зависи од Македонија и европските партнери. Прашана дали по инцидентот размислуваат да го променат името на културниот клуб во Битола „Ванчо Михајлов“ според фашистичиот соработник, нешто што македонскиот народ го доживува како провокација, таа одговори дека центарот одамна го носи тоа име и воопшто не станува збор тоа да се промени.
Таа изрази уверување дека македонските служби ќе го откријат потпалувачот на клубот во Битола и ќе го казнат.
Како што ме увери началникот на битолската полиција, преземени се сите мерки и во најскоро време ќе следат резултати. Се надевам на конечни резултати за да има конечна пресуда за извршителот – додаде Генчовска.
Заедно со неа во Битола беа бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов и конзулот Димитар Иванов.
При посетата на делегацијата од Бугарија на Битола имаше силно полициско обезбедување и беше забрането движење низ улицата Рузвелтова каде што се наоѓа клубот, во поранешното Еврејско маало. Освен делегацијата беа присустни и уште десетина граѓани, членови на клубот, а едниот од нив носеше и маица со ликот на Гоце Делчев.
Битолчани реагираат дека Битола е космополитески град и колку и да провоцира името Ванчо Михајлов, зашто народот го доживува како соработник на фашистичкиот окупатор од Втората светска војна и дека со името што се става на клубот се врши рехабилитација на фашистичката идеологија и се промовира историски ревизионизам насочен кон негирање на НОВ на македонскиот народ, сепак, никој не би го запалил клубот. Доказ за тоа е фактот што функционира повеќе од месец и половина, а никој немаше преземено никакви мерки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.