Во екот на големите протести во Македонија против францускиот предлог бугарското министерство за надворешни работи во петокот упатило покана до нашето МНР да се одржи средба на Мешовитата меѓувладина комисија нудејќи три датуми – 9, 10 или 11 јули. Местото на средбата требало да биде познатиот туристички центар Банско во Пиринска Македонија.

Според соопштението на бугарското МНР, преку таа покана се повикувал министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за тој и неговата колешка Теодора Генчовска да се сретнат во Банско според чл. 12 од Договорот за добрососедство.

„На претстојниот состанок на оваа заедничка комисија треба да се разгледа имплементацијата на билатералната спогодба за изминатиот период и да се усвојат мерки за подобрување на билатералната соработка во сите сектори“, пишува во соопштението на бугарското МНР.

Од македонското МНР информираат дека е пристигната нота, но ја известиле Софија дека министерот Бујар Османи како претставник на владата во овој период ќе се фокусира на процесот во Собранието.

Експертите меѓу двете министерства за надворешни работи ќе продолжат со работа, велат од МНР.

Официјално Скопје ја известило Софија дека доколку е потребно, министерот Османи и министерката Генчовска ќе одржат онлајн средба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.