Француската амбасадорка во Бугарија, Флоренс Робин, изјави дека за нејзината земја прашањето за проширувањето на ЕУ со Македонија и Албанија е исклучително важно и како претседавач со ЕУ во првата половина на 2022 година Франција ќе понуди посредување за справување со спорот меѓу Софија и Скопје. На овој начин, како што вели во изјавата за радио Дарик, ќе може да се реши спорот меѓу двете земји и ќе се потврди европската определба на Париз.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според амбасадорката Робин, Западен Балкан е дел од Европа и е прашање на безбедност регионот да биде вклучен повеќе во политиките на ЕУ, економскиот развој и размената воопшто. Амбицијата на Франција е да ја потврди својата европска посветеност кон Западен Балкан, а особено кон Македонија и Албанија.

Флоренс Робин изјави дека има спорови меѓу соседните земји и изрази уверување дека со добра волја и преку дискусии и промовирање на почитувањето на граѓанските права и почитувањето на малцинствата, тие ќе може да одговорат на овие предизвици. Според неа, навистина е важна стабилноста и одржувањето на добри односи, а „со разбирање и слушање, работите може да се средат“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.