„Ние досега сме донеле голем број на тешки одлуки, почнувајќи од 2001 година со Охридскиот рамковен договор, потоа со Преспанскиот договор, со договорот со Грција, како и со прифаќањето на преговарачката рамка и на Договорот за добрососедство со Бугарија. Можам да кажам дека после сите тие договори, Македонија секогаш излегувала како победник“, порача премиерот Ковачевски во интервјуто за РТВ Словенија.

После Охридскиот рамковен договор, како што посочи премиерот Ковачевски, ние имаме држава којашто е изградена на принципите на демократско општество каде што секоја етничка заедница, секој граѓанин има еднакви можности за личен и професионален развој; после договорот од Преспа станавме земја членка на НАТО и сега го гледаме значењето на зачленувањето во НАТО; по прифаќањето на преговарачката рамка ги почнавме преговорите со ЕУ, после 17 години чекање.

„Значи секогаш големите и стратешки одлуки носат бенефит за граѓаните“, оцени премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека е од големо значење поддршката на Македонија во своите аспирации за полноправно членство во ЕУ, од страна на пријателите од НАТО и ЕУ.

„Македонија е држава којашто на својот пат кон европските и евроатланските интеграции мораше да ги донесе веројатно најтешките одлуки во споредба со сите други држави кои се зачлениле и во НАТО и во ЕУ. Тие одлуки навистина можам слободно да кажам дека предизвикуваат мачнина кај најголемиот дел од нашиот народ исто и кај мене. Јас ги делам тие чувства. Меѓутоа од друга страна, ние како држава немаме друга алтернатива. Единствената алтернатива на Македонија и она што е зацртано во стратешките документи на нашата држава е интеграција во НАТО и интеграција во ЕУ“, рече премиерот Ковачевски.

Во интервјуто, премиерот Ковачевски посочи дека – „добивме преговарачка рамка со чист македонски јазик, со заштитен идентитет на Македонците, со сите културни и други обележја коишто обележуваат еден народ и со тоа да ги започнеме преговорите со ЕУ“, и нагласи дека – „стабилна политичка Влада е секогаш добра за секоја држава“.

Премиерот Ковачевски рече дека државите од регионот, посебно земја членка на ЕУ, има обврска да промовира европски вредности кај другите земји од регионот, бидејќи регионот има потреба да оди напред.

„И единствено преку политичка волја, соработка и институционално разбирање помеѓу државите можеме да одиме напред“, оцени премиерот Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.