Доколку вестите што стигнуваат од Бугарија се точни, францускиот предлог за почеток на преговорите со Македонија е штетен за македонските национални интереси и во никој случај властите во Скопје не смеат да се согласат.

Малкумина знаат што значи тоа „преговарачка рамка“. Тоа се темите, поглавјата, кластерите за кои Македонија ќе преговара во текот на преговорите со ЕУ. Најпрвин беа 32 поглавја па на барање на Франција се претворија во шест кластери.

Тоа е процес што ќе треба да го поминат сите нови кандидати и до тука не е ништо спорно. Но, со т.н француски предлог, максималистичките барања на Бугарија кои јасно ги кажа премиерот Петков ќе треба да станат дел од преговорите. Тоа во превод значи дека барањата на за јазикот, народот, историјата да влезат во делот за добрососедските односи и тој „чeптер“ никогаш да не го затвориме. Всушност можеме да го затвориме доколку ги прифатиме бугарските барања.

Во целава ситуација зачудува молкот кај власта во Скопје која вели дека прво ќе го видела францускиот предлог па ќе коментираат.

Невозможно е на ваков предлог да се крчка подолго време е Ковачевски, Османи и Пендаровски да се прават дека не се одовде.

Работата оди кон тоа дека Македонија повторно ќе биде ставена под свршен чин и дека најголемата крижа за власта ќе биде како предлогот да се „продаде“ на граѓаните. А тоа им успева се потешко.

Барањата на Петков сега поддржани од Франција се: Почитување на рамковната позиција што ја усвои бугарскиот Парламент односно Декларацијата, вклучување на Бугарите во Уставот на Македонија и трето спроведување на Договорот за добрососедство.

Што содржи рамковната позиција

Во неа се бараат конкретни резултати на заедничката комисија во одно на заедничката историја до 1944 година вклучително и договор за Гоце Делчев ВМОРО-ВМРО и Илинденско-Преображенското востание, отстранување на спорните плочи и заедничко славање на настани и личности.

Се бара усогласување на учебниците по историја и текстовите за случувањата во 19-от и 20-от век да се презенитираат на јазичната норма на која се оригинално напишани.

Да се употребува фразата службен јазик на „Република Македонија“. Во случај на апсолутна потреба на користење на терминот македонски јазик во документите и и позициите на ЕУ секојпат да се додаде фусноста дека е во согласност на Уставот на Република Македонија.Треба да се наведе дека јазичната норма која е наведена како уставен јазик во Република Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешната југословенска република по нивната кодификација во 1944 година.Ниту еден документ не смее да смета за признавање на бугарската страна на постоење на т.н македонски јазик како различен од бугарскиот.

Од Македонија се бара и да се откаже од поддршка за постоње на македонско малцинство во Бугарија па дури и да побара од Советот на Европа да не дава нивна поддршка.

Од медиумите се бара во никаков лош контекст да не се споменува Бугарија и лицата кои се самоидентификуваат како Бугари.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.