Заев и Пендаровски знаеле дека во Македонија ќе се отвораат бугарски клубови и здруженија, објави ТВ Алфа.

Финансиерот на бугарските клубови во Охрид и Битола, бизнисменот Милен Врабевски во интервју за Трибуна открива дека претходно имал средби со пораншениот премиер Зоран Заев, но и со претседателот Стево Пендаровски, кого и директно го известил дека планира да формира граѓанско здружение. И не се само овие високи македонски функционери, Врабевски се среќавал и со други. Вели дека бил активно вклучен и во решавање на црковното прашање, но и други работи, објави ТВ Алфа.

Нема ништо чудно или скриено во врска со мојата средба со вашиот премиер, која се одржа во 2017 година во присуство на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Струмички дедо Наум, додава тој.

Тема на нашиот разговор беа конкретни предлози за зајакнување на добрососедските односи меѓу двете земји. Го известив премиерот дека ќе ви го донесам Светиот оган и ќе помогнам колку што можам за признавањето на Македонската православна црква од нашата православна црква (која во тоа време беше поканета да и биде црква-мајка). Разговорот се одвиваше во пријателска атмосфера, вели Милен Врабевски за Трибуна.

Во отворањето на бугарските клубови не гледа ништо спорно. Требало да ги има и во секоја друга земја каде што имало Бугари. Бугарскиот бизнисмен вели дека ќе продолжи со иницијативи за билатерална соработка, како и дека имал и други, слични активности и во Украина, Молдавија, Србија и Албанија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.