Вишата обвинителка, Фатиме Фетаи, за „Фокус“ вели дека сама си го платила патувањето во Италија за да го следи во живо натпреварот меѓу Италија и Македонија во Палермо.

На овој начин, Фетаи одговора на прозивките во медиумите, но и на повикот на Антикорупциската комисија да одговори на чиј трошок била на натпреварот.

Пред сѐ, сакам да им честитам на нашите фудбалери и на сите граѓани кои се радуваат на победата на нашата држава за многу значајната победа над Италија и да посакам иста таква да оствариме и во Португалија. Секако дека трошоците поврзани со следењето на натпреварот (овој и на другите) сама ги покривам. Да се радуваме заеднички на овој и те како заслужен успех – објасни Фетаи, веднаш штом пристигна во Скопје.

Претходно и министерот за правда, Никола Тупанчевски, изјави дека и тој на свој трошок бил во Палермо.

Фетаи, Тупанчевски и претседателот на Основниот суд Кавадарци, Лазар Нанев, беа прозвани во јавноста да кажат кој го финансирал нивниот пат во Италија, откако вчера беа во ложата на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.