Ако не се избере седмиот член на Државната изборна комисија (ДИК), ќе следуваат блокади на улици, најавува Европскиот сојуз за промени.

Се разгледува можноста за блокирање на Собрание, блокирање на улици пред Собрание и Влада. Организирање на секаков вид на искажување на револтот, со цел ДИК да биде комплетирана и сите граѓани во Македонија да имаат можност да гласаат за политичката опција во која веруваат“, кажа лидерот на БЕСА, Билал Касами.

И пратеникот Фадил Зендели денеска побара од новиот претседател на Собранието, Јован Митревски, итно да ѝ наложи на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, да одржи седница и за член на ДИК пред Собраниеto да го предложи кандидатот на албанската опозиција. Доколку не го направи тоа, Зендели сметка дека Митревски ќе се докаже оти коалицијата СДСМ-ДУИ ќе ги фалсификува изборите.

И ВМРО-ДПМНЕ смета дека неизборот на седмиот член на ДИК остава простор за сомнежи, а предлагањето двајца кандидати од Комисијата за избори и именувања води кон ризик ниту еден од нив да не го добие неопходното двотретинско мнозинство.

Од СДСМ доаѓаат оптимистички тонови. Веруваат дека многу бргу, пред да се распишат изборите, ДИК ќе биде комплетирана.

Местото во ДИК е празно цела година, откако Кренар Лога стана министер за правда. Пред Нова Година, Комисијата за избори и именувања, изборот го сведе од 5 на две имиња: Абдуш Демири од Европскиот сојуз за промени и Зулфи Адили од Алијанса, но по предлог на Европската демократска партија на Аријанид Хоџа.

Изборот на член во ДИК ќе ги позиционира партиите: кои се двете најголеми владеачки а кои се двете опозициски партии. Освен членство во ДИК, неформалниот статус на втора опозициска, носи соодветна застапеност во избирачките одбори но и поделба на медиумскиот простор за платено политичко рекламирање.

Според сегашниот Изборен законик, 45 одсто од рекламното време го делат двете најголеми владеачки партии, а другите 45 одсто двете најголеми опозициски партии. 7 одсто ги делат другите парламентарни партии, а само 3 одсто добиваат вонпарламентарните. Освен ако законот не се смени.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.