Наместо од 19 часот, протестот против францускиот предлог денес ќе започне порано – од 12 часот пред зградата на Владата кога е закажана седницата на која ќе се разгледува и најверојатно веднаш ќе се потпише овој предлог.
Во исто време, во Владата ќе престојува високиот претставник од Советот на Европа Шарл Мишел, кој ќе оствари тет-а-тет средба со претседателот на Владата Димитар Ковачевски, а ќе присуствува и на владината седница.
Целта на посетата на Мишел е да ја покаже поддршката на ЕУ за францускиот предлог.
Дека следи брзоплето и подмолно туркање на предлогот против народот гласно кажува „не“, информации стигаат од повеќе партии, меѓу кои од лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски.
Од наши извори дознаваме дека Владата утре на седница ќе носи одлука за францускиот предлог, рече денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за медиумите.
Тој го повика македонскиот народ да излезе пред Владата и да каже „не“ за предлогот.
Според нашите информации, утре ќе се одржи владината седница на којашто ќе биде прифатен францускиот предлог. Затоа, ја повикувам цела Македонија утре да дојде пред Владата – рече Мицкоски.
Тој ги повтори неговите барања до премиерот Димитар Ковачевски дека ќе се откаже од предвремени избори доколку Ковачевски не го прифати модифицираниот француски предлог.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.