„Европа со повеќе брзини“ не е идеја на францускиот претседател Емануел Макрон. И бездруго тој концепт нема врска со начинот на кој го разбираат премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои шират лажни вести дека тоа значело дека кандидатите за ЕУ што побрзо ќе се реформирале побрзо ќе биле примено во членство, пишува „Плусинфо“.

Концептот „Европа со повеќе брзини“ сепак се однесува на различни нивоа на интеграција во Унијата. За ова во 2011 година на порталот Пешчаник пишуваше и сега покојниот Владимир Глигоров, син на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров. И насловот на неговиот кус текст е прецизен: „Европа во повеќе брзини“.

Интересно е дека во 2011 година овој текст го презел и македонскиот Портал Окно.

Еве што пишува тогаш угледниот експерт Владимир Глигоров:

Досега обично беше така што земјите кои се зачленуваа во ЕУ (порано во Европската економска заедница) или имаа со неа некој вид интегрираност, или самите избираа дали сакаат да пристапат само на заедничкиот пазар, или и во политичката унија, или и во шенгенскиот систем, или и во финансиската унија. Следниот избор ќе биде еден или друг вид фискална унија. Така што, степенот на интегрираност со ЕУ и во рамки на самата Унија е главно избор на земјите-членки.

Влијанието на земјите кои се веќе зачленети врз оние кои допрва се стремат кон зачленување е двоен: некои земји или региони не се ни сметаат за потенцијални кандидати за членство, а од оние на кои им се ветува членството, како што е сега случај со сите балкански земји, се бара исполнување одредени услови кои се утврдени уште во 1993 година и се нарекуваат Договорот од Копенхаген.

Треба да се исполнат дополнителни услови за да се пристапи кон шенгенскиот систем или во монетарната унија. Кај заклучувањето на договорот за членство обете страни можат да изберат да применат одредени елементи, на пример, економски слободи познати под називот „Четири слободи“, но не веднаш, туку во некој рок. Тоа најчесто се користеше во случај на правото на работа и правото на купување недвижности, пред сè, земјиште.

Треба да се очекува дека така ќе биде и во иднина. Значи, не станува збор за систем на лига, да се изразам така, бидејќи сите облици на интегрираност се отворени за сите членки и кандидати за членство, туку за изборот на земји на кои им одговара тоа ниво на интегрираност.

Нема интегрираност ако не постои некој облик на слободна трговија, а сè останато е работа на избор на видот договорени обврски кои ѝ одговараат на некоја земја.

Така ќе биде и кога станува збор за фискалната интеграција и засилувањето на зедничките демократски институции. Некои земји не се ни брзаат да ѝ се приклучат на монетарната унија, а веројатно уште помал број од нив ќе сака да се зачлени во фискалната унија, дури и кога би можеле да ги исполнат условите кои допрва треба да се утврдуваат. Европската унија е договорна, а не принудна заедница.

Да повториме, Глигоров е јасен и прецизен – „Европа во повеќе брзини“ е концепт кој подразбира различни нивоа на интегрираност во Унијата. Цели 12 години во ЕУ се разговара за тие различни нивоа, а сега се актуелизираат и концептите за пристапување само на европскиот пазар или само политичка унија, за кои пишува Глигоров. Со тоа што сега овие концепти се заговараат како основа на политиката на проширување на ЕУ.

Има ли некој во Владата што чита и истражува, за да ги информира Ковачевски и Османи и да го спречи ширењето лажни вести и спинови?



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.