Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на настанот „Европската Унија како предизвик и предизвиците на ЕУ: Европа 74 години од Шумановата декларација“ што во организација на Европското движење во Република Македонија и претставништвото на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје, се одржа денеска, а по повод 9 Мај – Денот на Европа.

Претседателката Сиљановска Давкова во своето обраќање нагласи дека ние отсекогаш, историски, географски и културно сме биле дел од Европа и дека не зборуваме за евроинтеграција, туку за реунификација, посочувајќи дека втемелувачите на Европската Унија биле вистински државници, водени од мировната идеја и кои верувале во мировните решенија.

За нас веќе реков дека се перцепираме како Европјани, а логично е ако се перцепирате како Европјани да бидете и третирани како Европјани. Третманот го гледам пред се низ призма, не на ЕУ реториката, туку на ЕУ логиката, во смисла на владеење на правото, компетитивна економија, независно судство, стручна и компетентна администрација, демократска политичка култура, нешто што обединува, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Претседателката истакна дека скрининг процесот покажа дека во поглед на хармонизацијата ние сме во врвот на Западниот Балкан, но имплементацијата останува наш важен предизвик.

Ние мораме да тргнеме со суштински и сериозни реформи, излез немаме бидејќи не е само сега критериум хомогенизацијата, хармонизацијата, туку и имплементацијата. Мислам дека треба и ЕУ соодветно да одговори, затоа што ако сте кандидат од 2005 година, а денеска е 2024, се плашам дека некогаш тоа чекање личи на она на господинот Годо, а не сакам да верувам во такво нешто. Јас знам дека ние бевме перцепирани и сеуште сме како ахилова пета, но мислам дека и за тоа има решенија и е потребен соодветен одговор, истакна во обраќањето претседателката Сиљановска Давкова.

Таа изрази очекување од новите власти во Собранието да сфатат дека Лисабонскиот договор е договор за парламентите, дека Парламентот мора да се отвори во евроинтеграцискиот процес и дека евроинтеграцијата не може да биде само работа на Владата.

Сугерирав и сè уште сугерирам меѓу преговарачите да има и експерти, а не само политичари за да создадеме институционална меморија. Каде е континуитетот ако двајцата преговарачи беа политичари?, запраша во обраќањето претседателката.

Претседателката Сиљановска Давкова посочи дека мора да се активира Националниот совет за евроинтеграции, како обединувачко хетерогено тело, а на Комисијата за европски прашања да бидат поканети и претставници на Европската комисија.

Таа изрази очекување дека ЕУ нема да заборави на логиката и филозофијата на проширувањето, оти тоа докажува дека е незаменлива, а таквата кондиција создава, кај сите нас кои чекаме на ред за да влеземе во Европската Унија, исто така, демократска кондиција.

Претседателката порача дека регионално треба да резонираме, регионално да соработуваме и регионално да се поддржуваме едни со други, по примерот на скандинавските земји, додавајќи дека ветото не е европски и мировен инструмент, иако е некогаш силно оружје на малите држави. Таа нагласи дека на патот кон ЕУ, со помош на оние коишто се внатре, треба да зачекориме заедно и да се поддржуваме едни со други.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.