Претпоставувам дека сите високи европски функционери ќе дојдат во Скопје до мај за да нè убедат да ги направиме уставните промени. Иако, нема никаква гаранција дека тоа ќе придонесе за некакви гаранции дека нема да бидеме попречувани на патот кон ЕУ од страна на Бугарија, вели универзитетскиот професор Борче Давитковски во СТУДИО 10 на ТВ 24.

Прво ЕУ не може да ни даде таква гаранција. Не може да и каже на своја членка дека беше доволно и да не става вето. Мене повеќе ме загрижува тоа што се размислува за три круга на ЕУ. Во првиот круг би влегле основачите и првите членки кои ќе одлучуваат, во вториот круг би биле земји како Бугарија и Унгарија кои очигледно им прават проблем, а во третиот круг би биле ние без никакво право на одлучување но со економски привилегии, вели Давитковски.

Тој додава дека неговите очекувања се оние земји кои го полнат буџетот да имаат повеќе моќ за одлучување, а на трошачите да им се лимитираат можностите. Но, вели професорот тоа е нивно внатрешно прашање, а се очекува нешто да се случи на овој план во следните десет години додека ние ги водиме преговорите.

Давитковски вели дека во суштина посетите од странските дипломати треба да ги убедат ВМРО-ДПМНЕ, оти сите други се согласни дека ќе гласаат за уставни измени.

Тој додава дека Бугарија лесно ќе ја убедат со некоја донација.

Ние не оставаме слика на сериозна држава, нам никој веќе не ни верува, вели Давитковски. Тој додава дека кај нас никој не одговарал за лоши политики. -Но, ние си имаме и други сериозни проблеми на кои конечно треба да им се посветиме, а не е само Бугарија проблемот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.