Македонија треба да биде полноправен кандидат и веднаш да стане членка на Европската Унија. Македонија е многу цврст партнер, билатерално и во мултилатералнои сојузи како НАТО и ОБСЕ, изјави специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар кој се наоѓа во посета на Приштина.

Ова на својата официјална Фејсбук страница го објави американската Амбасада во Скопје.

Ескобар вчера порача дека Македонија е многу солиден партнер на САД, како билатерално, така и мултилатерално во НАТО и ОБСЕ и Вашингтон очекува и по изборите земјата да добие влада посветена на членството во Алијансата и на интегрирањето во ЕУ.

Претходната Влада беше посветена на членство во НАТО и на пристапувањето во ЕУ и нашите очекувања се владата што ќе дојде по изборите да биде слично посветена на членството во НАТО, пристапувањето во ЕУ и на борбата против корупцијата, изјави Ескобар на брифинг во Брисел пред неговата посета на Приштина, Виена и Подгорица.

Тој изрази надеж дека по изборите ќе се создаде можност да допатува во земјата, бидејќи како што нагласи за време на сегашниот престој во регионот ќе биде посветен на актуелните прашања како оние поврзани со Косово и случувањата во Црна Гора.

Ескобар, на вториот ден од посетата на Косово, претпладнево го посети Дечанскиот манастир, еден ден откако Владата и наложи на Агенцијата за катастар да го запише имотот од 24 хектари земјиште на манастирот, а потоа ја посети и општина Пеќ, каде што се сретна со градоначалникот Газменд Мухаџери, претставници на граѓанскиот сектор и медиумите, како и со млади од албанската, српската и бошњачката заедница во таа општина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за тамошниот медиум на српски јазик Радио Гораждевац, американскиот емисар рече дека видел оти, поради новата регулатива на Централната банка на Косово, која го забранува користењето на српскиот динар, косовските Срби страдаат и имаат реални потешкотии да ги добијат пензиите и другите приходи кои им се исплаќаат од Србија.

Неколку часа пред средбата со косовскиот премиер Албин Курти, Ескобар истакна дека „навистина сака да работи со Владата на Косово со надеж дека ќе се најдат итни решенија“.

Американскиот емисар ѝ порача на српската заедница во Косово дека „САД се тука“ и дека „сакаат Србите во Косово да живеат во безбедни и достоинствени услови“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.