Американските санкции остануваат во игра како начин за справување со корупцијата, но тие не се замена за домашните обвинителства. Тоа е одговорот на заменикот-помошник државен секретар, Габриел Ескобар, на прашањето дали може да се очекуваат нови имиња од Македонија на т.н „црна листа“. Ескобар, кој денеска имаше брифинг за новинари од Западен Балкан, и порача на македонската влада „навистина да се посвети на справување со корупцијата“.

Наша политика е дека не можеме да дадеме претходен увид во нашите мерки кои се однесуваат на санкции, но можам да ви кажам две работи – првата е дека имаме намера да ги користиме надлежните за санкции, а тоа е да се бориме против корупцијата не само во регионот, туку и низ светот. Оттука, навистина верувам дека најдобар начин за справување со корупцијата е не преку американски санкции, туку преку домашните обвинителства, преку зајакнување на владеење на правото. Нашите санкции не се замена за домашните институции и процеси за промовирање на владеењето на правото. Затоа, би ја охрабрил владата на Македонија и владите на другите земји во регионот навистина да се посветат на борбата против корупцијата – рече заменик помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар.

Освен за оваа тема, Ескобар зборуваше за уште едно прашање поврзано со земјава – за односите со Бугарија и заканите од Софија за можно ново вето. Позицијата на Вашингтон е дека ќе направи се што може за да го помогне пристапувањето на Македонија кон ЕУ.

Двете земји се важни НАТО членки и би сакале да видиме дека имаат мирни и продуктивни односи. Во делот на Македонија ќе кажам дека силно го поддржуваме нејзиното интегрирање во ЕУ што е можно побрзо и ќе поддржиме се што земјата побрзо и мирно ќе ја донесе таму. Ќе продолжиме да работиме со владата на Македонија за да и помогнеме во постигнувањето на најзините цели. Земјата е исклучително добра членка на НАТО и јас можам да ја уверам ЕУ дека оваа земја исто така ќе биде продуктивна и доверлива членка на ЕУ- рече Ескобар.

Поголем дел од брифингот на Ескобар беше посветен на најновиот развој на ситуацијата во односите меѓу Белград и Приштина по синоќешниот состанок меѓу Александар Вучиќ и Албин Курти во Брисел и обелоденувањето на предлог-договорот на ЕУ за нормализација на односите. Ескобар ја повтори поддршката за процесот, очекува дека тој ќе донесе напредок и се надева дека двете страни ќе ги исполнат обврските ако се постигне договор – дел од нив е и конечно формирање на Заедницата на српски општини на северот од Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.