Европската комисија оценува дека Македонија во однос на регионалната соработка одржува добри односи со другите земји од проширувањето и продолжила да се ангажира во регионалните иницијативи. При тоа се додава дека постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

Во делот на односите со Бугарија во Извештајот на ЕК се констатира дека во извештајниот период, односите со Софија се фокусирале на следните чекори во процесот на преговори за пристапување на Македонија во ЕУ и на билатералните обврски од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и неговиот Протокол. Се набројуваат сите позитивни чекори кои ги презеле двете земји за зајакнување на односите, но и негативноте настани, кои довеле до одредено заострување. При тоа се заклучува дека се потребни дополнителни напори за промоција на атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување.

-Македонија формираше меѓуресорска работна група, со која претседава министерот за надворешни работи, за да го координира спроведувањето на мерките предвидени во Протоколот. Беа создадени и тематски подгрупи за говор на омраза, рехабилитација на жртвите на репресијата од комунистичкиот период, спроведување на препораките усвоени од Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања и заштита од дискриминација. Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања одржа неколку состаноци во текот на извештајниот период, стои меѓу другото во Извештајот на ЕК.

Се наведува и дека во октомври 2022 година, претседателот на Македонија беше во официјална посета на Бугарија, а еден месец подоцна во официјална посета на бугарскиот главен град замина и шефот на дипломатијата. -Во октомври 2022 година, двајцата премиери ги започнаа градежните работи на железнички дел од Коридорот 8 во Македонија на церемонија на која присуствуваа повеќе министри од двете земји. Во декември 2022 година, двајцата министри за надворешни работи го отворија билатералниот бизнис форум во Скопје.

Воедно, во документот се наведува и дека билатералните односи беа негативно погодени од изјавите дадени од поединечни политичари и од неколку инциденти, особено оние поврзани со бугарските културни клубови, со прослави на историски настани и историски личности, фудбалски настани и недозволување на влез на граѓани, вклучително и пратеници во Европскиот парламент.

-Надлежните власти во Македонија презедоа одредени чекори за да се справат со овие ситуации и, каде што е потребно, да воспостават одговорност, вклучително и со започнување истраги и изведување на одговорните за криминални дела пред лицето на правдата. Потребни се дополнителни напори за промовирање на атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување, препорачува ЕК во овогодишниот Извештај за напредокот на земјава.

Препораки се дадени и во однос на билатералните релации со Атина.

-Соработката со Грција се интензивираше, особено во клучните области од заеднички интерес. Постигнат е напредок во спроведувањето на Договорот од Преспа и треба да продолжат понатамошните напори на овој план, се наведува во Извештајот на ЕК за напредоток на земјава за 2023 година.

Македонија во однос на надворешните односи е умерено подготвена и достигнала добро ниво на подготовка за заедничката надворешна и безбедносна политика.

-Земјата постигна одреден напредок во текот на периодот на известување за заедничката трговска политика. Таа постигна добар напредок со одржување на целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Со тоа, Македонија се покажа како доверлив партнер, вклучително и на меѓународно ниво, стои во Извештајот на ЕК за напредокот на земјава за 2023 година



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.