ЕК нотира дека се одложува усвојувањето на клучните закони и дека и натаму е бавна имплементацијата на Стратегијата за образование 2018-2025 и развивањето соодветен систем за следење. За Стратегијата нагласува дека е главниот документ со кој се уредува образовниот сектор, но дека нејзините механизми за следење не се добро дефинирани.
Во наредната година во областа образование остануваат да важат препораките од минатогодишниот извештај на Европската комисија. Земјава треба особено да се фокусира на финализирање и усвојување на законите за средно образование и за стручно образование и обука, на формирање и операционализација на регионалните центри за стручно образование и обука (ВЕТ-центри) и на донесување на Законот за образование на возрасни.
Во клучните препораки за образованието наведени во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2023 година се укажува и дека треба да се подобри пристапот до квалитетно образование за сите, особено за децата со попреченост и децата Роми, да се зголеми уписот во предучилишна возраст и да се подобри поддршката за обука и професионален развој на наставниците.
Македонија е умерено подготвена во областа на образованието. Ограничен напредок e постигнат со усвојувањето и воведувањето насоки и програми за зајакнување на инклузивноста и промовирање на зелените вештини, се наведува во поглавјето за образованието.
ЕК нотира дека се одложува усвојувањето на клучните закони и дека и натаму е бавна имплементацијата на Стратегијата за образование 2018-2025 и развивањето соодветен систем за следење. За Стратегијата нагласува дека е главниот документ со кој се уредува образовниот сектор, но дека нејзините механизми за следење не се добро дефинирани.
Треба да се подобрат целите и индикаторите за да се овозможи соодветна евалуација на спроведувањето на реформите. Властите треба да ја зајакнат координацијата меѓу институциите во развивањето на законодавството, обезбедувајќи погодна институционална средина способна да ја спроведе нејзината имплементација, се наведува во извештајот.
За реформа на средното стручно образование, ЕК укажува дека е суштинско носењето на новиот закон, зашто со него ќе се засили улогата на петте регионални центри за стручно образование и обука.
Воспоставена е соработка меѓу компании, средните стручни училишта, стопанските комори и МОН за поддршка на пракса на учениците во приватни компании, со што се отворени приближно 100 дуални паралелки поддржани од јавно-приватно партнерство, стои во извештајот на ЕК.
Опфатено е и продолжувањето на процесот за примена на Концепцијата за основно образование со изготвување наставни програми за шесто одделение врз основа на националните стандарди, вклучително и обезбедување зелени вештини.
Трошоците за образование и обука во 2022 година се 3,71 проценти од БДП, што е благо намалување во однос на 2021 година (3,98 отсто) и сè уште е, како што се наведува, „далеку под просекот на ЕУ од 5 проценти“.
Иако е постигнат одреден напредок во предучилишното образование, севкупното ниво на запишување останува пониско од регионалните и стандардите на ЕУ, особено за децата Роми.
Во учебната 2021/2022 година во основно образование се запишани 96,63 отсто од децата и 85,59 отсто во средно образование. Во високото образование останува ниско нивото на вкупните уписи и бројот на студенти запишани во прва година на студии бележи опаѓање во последните три години.
Иако Македонија презела чекори кон дигитална трансформација на нејзиниот систем за образование и обука и дигиталните вештини се опфатени во основното и средното образование, ЕК препорачува властите да продолжат да ги зајакнуваат напорите кон ефективна, кохерентна и инклузивна дигитална трансформација на системите за образование и обука, вклучувајќи го и капацитетот на системите за развој на дигитални вештини.
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност организирала и поддржала повеќе од 100 активности и настани наменети за млади, а бројот на учесници во финансираните проекти за младинска размена во 2022 бил 465 наспроти 294 во 2020 година.
Македонија продолжи да учествува во Еразмус+ и Европскиот корпус за солидарност и учествуваше и на повикот за предлози за иницијативата за европските универзитети, при што еден универзитет доби грант како дел од успешна алијанса. Македонија учествува во работните групи на Европскиот образовен простор 2021-2025, се наведува во поглавјето за образование.
Во однос на инклузијата, нотирано е дека во октомври 2022 година е почната модифицирана програма за ученици со комплексни потреби. Бирото за развој на образованието подготвило упатства за развој и имплементација на изменета наставна програма за ученици од основните училишта со комплексни потреби, а исто така БРО развило и два модула за обука за инклузивни училишни тимови.
Во периодот на кој се однесува извештајот, доделени се 450 стипендии за деца од основно образование за поддршка на инклузивноста, а во високото образование се доделени 135 стипендии за студенти Роми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.