Портпаролот на Европската Комисија, Петер Стано, потсети денеска дека слободата на изразување и слободата на медиумите е клучна за напредокот на сите земји во преговорите со ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

На прашање на МИА за обвинувањата од страна на државниот врв за време на дебатите за францускиот предлог, портпаролот Петер Стано потсети на конзистентниот став на Европската Комисија и земјите членки на ЕУ за слободата на медиумите.

-Од земјите во пристапниот процес се очекува да ги присвојат сите вредности и принципи на ЕУ додека се подготвуваат за членство во ЕУ, изјави Стано на денешниот редовен брифинг за новинари во Европската Комисија.

Ова, рече тој, значи воздржување од запалива реторика и од ограничување на слободата на изразување.

Ова е нешто врз што почива Европската Унија, изјави Стано, додавајќи дека слободата на изразување и слободата на медиумите се едно од клучните мерила во процесот на преговори со ЕУ.

-Врз основа на перформансот на земјите во овој поглед тие ќе бидат оценувани во пристапниот процес, во процесот на преговори и тоа исто така ќе ја одреди брзината со која ќе напредуваат кон конечната цел, а тоа е членството во ЕУ. Можам само да потсетам на нашите бројни повици до сите политички лидери, политичари, чинители да бидат свесни за ова, да се воздржат од запалива реторика, да се воздржат од поткопување на слободата на медиумите и ограничувањето на просторот за независно новинарство, медиумскиот простор и новинарската работа, затоа што ова е нешто што ЕУ, Европската Комисија и земјите членки го разгледуваат од многу, многу блиску, изјави Стано.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.