Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска, на собраниската седница за пратенички прашања постави три прашања, од кои првото е до претседателот на владата – Димитар Ковачевски, второто прашање е до Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и третото до министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Првото прашање се однесува на пожарите кои беснеат низ државата, а вашата власт не може да се организира и да ги изгасне. Иако најлош начин за учење е да учите од грешките, за жал ниту ланските грешки не ве освестија да ја научите лекцијата и конечно да покажете грижа. Како и ланското лето, така и оваа година, сезоната на пожари ја дочекуваме целосно неподготвени.Сите сме сведоци на фактот дека институциите не реагираат на време и заради неажурноста на надлежните, горат големи површини шума – рече Петкоска.

Петкоска посочи дека пожарите ги извадиле на површина сите слабости на системот за брза интервенција и спречување на катастрофалните последици од пожарите.

Моето конкретно прашање е до каде е сервисот на авионите за гаснење пожари и зошто сè уште не е направен или уште поконкретно, што уште треба да нè снајде за конечно да се сервисираат авионите за гаснење пожар – праша пратеничката.

Второто прашање на Петкоска, до министерката за култура се однесуваше на Министерството за култура и управата за заштита на културното наследство.

Како што истакна Петкоска, во изминатиов период од половина година, вработените во Министерството за култура и во Управата за заштита на културното наследство, непрекинато ги извршуваат своите работни обврски кои подразбираат креирање на нови културни политики, изработка на стручни анализи и стратегии за подобрување на состојбите во културата. Но, за жал, додаде таа, кога е во прашање подобрувањето на нивниот статус во насока на валоризирање на нивниот труд, работите очигледно не одат како што треба.

Oттука, моето конкретно прашање до Вас министерке е до каде е постапката за потпишување на Колективниот договор за вработените во Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, што вие како министер за култура имате преземено до овој момент за негово потпишување, односно за подобрување на состојбата за зголемување на платите и за подобрување на статусот на вработените во Министерството за култура и во Управата за заштита на културното наследство – праша пратеничката Петкоска.

Пратеничката третото прашање го постави на министерот Благој Бочварски, за тоа кога охриѓани и стружани можат да ја очекуваат комплетно завршената велосипедска патека Охрид – Струга.

За да ви биде појасно министре Бочварски, ве информирам дека во текот на амандманската расправа на ребалансот на буџетот поднесов амандман за изградба на велосипедска патека Охрид – Струга со кој побарав 10.000.000 денари. Амандманот беше прифатен во видоизменета форма и за оваа цел се доделени само 3.000.000 денари, односно средства кои би биле доволни само за изработка на основен проект. Од таа причина, ме интересира кога охриѓани и стружани можат да ја очекуваат комплетно завршената велосипедска патека Охрид-Струга? Не случајно го поставувам ова прашање министре, со најискрена надеж дека оваа патека нема да ја доживее судбината на автопатот Охрид – Кичево – нагласи Петкоска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.