Скромноста на овој Велигден не ја почувствуваа децата на богатите. Магичните празнични денови ќе им останат во раскошно сеќавање на ќерките на браќата Заеви, Александра на Зоран и Ева на Вице.

Ќерката на Вице Заев, Ева Заева, дождливите пролетни денови ги минува во сончевиот Дубаи, една од дестинациите каде што многу често престојува. Ева живее на висока нога и нема морални сопирачки за да го крие тоа. Таа редовно им ги полни очите на своите следбеници од Македонија со раскошот во кој ужива. Знае да се пофали и со учењето, па ете знаеме дека дотуркала до крајот на студиите на Машинскиот факултет.

За разлика од неа, ќерката на нејзиниот чичко Зоран, Александра, за Велигден си дозволи да ја обиколи Западна Европа: Монте Карло, Барселона, Венеција, Рим. Ќерката на поранешниот премиер Зоран Заев постојано ги почестува своите следбеници на Инстаграм со нови фотографии од луксузните дестинации кои ги посетува.

Елегантна и стилизирана како и секогаш, таа на ова патување не ја тргна широката насмевка од лицето. Ева пак преферира да позира со загадочен поглед и филмска насмевка, па делува надмено. Александра, пак, ја наследила непосредноста од татка си, па иако парчињата алишта што ги носи вредат пакети масло или резервоар гориво, таа делува поскромно од братучетка си.

Истенчениот вкус на модните критичари веќе го прогласи стилот на братучетките Заеви за „задолжително парче во орманот“. Па така, скромната Ева од уште поскромното работничко семејство од Муртино, веќе го поседува долгиот летен фустан за кој би рекле дека е задолжително парче за претстојните топли денови кои нè очекуваат.

Во последните години Дубаи се смета за сврталиште за политичари и бизнисмени, кои не штедат на недвижнини во овој богат град.

Македонски државјани поседуваат вкупно 55 имоти во Дубаи, вредни 14 милиони евра, покажува истражувањето на норвешката веб-страница Е24, базирана на „протечени“ документи за имотите на странци во блискоисточната метропола.

Не е невообичаено, ниту незаконски странски државјани да поседуваат имот во Дубаи, но кога станува збор за „офшор“ инвестиции, тогаш работите се менуваат, се вели во извештајот. Според ова истражување, многу граѓани во светот купуваат имоти во Дубаи за да избегнат данок или да перат пари заработени на незаконски начин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.