Една петтина од децата во основните училишта живеат во сиромаштија. Во некои од училиштата тоа се 50% од децата, некаде се 10%, но и да е едно, тоа заслужува внимание какво што му е потребно, вели Елена Мишиќ, раководителката на проекот чија цел е подобрување на состојбите во образованието, а кој денеска беше презентиран на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. Таа додава дека училишните практики во однос на децата кои покажуваат послаби резултати се развиваат.

Она што загрижува е што децата од тие најсиромашни групации, од оној најдолен квинтил покажуваат многу послаби резултати на меѓународните тестирања. Ова е состојба којашто се менува, не е на ниво на цела држава, бидејќи сиромаштијата е од различен вид, може да биде финансиска, отсуство на услуги и можности, може да биде во руралните средини, во помалите градови. Секое училиште се справува со своите предизвици, вели Мишиќ.

Посочи дека целта на проектот е поголема вклученост на ранливите групи, но и подобрување на наставниот процес за да може овие деца да ги постигнат истите успеси како оние кои имаат повеќе можности за учење и развивање.

Зборуваме за улогата на дополнителната настава, за индивидуализацијата на наставата да одговори на потребите и стиловите на учење на секое дете. Зборуваме за можности за бесплатен превоз, како тој се реализира, за бесплатни ужинки и други секакви воннаставни мерки и активности на ниво на училиште од типот на хуманитарни акции, од типот на поддршка, врсничка поддршка, наставничка поддршка, подобрување на улогата на родителите, рече Мишиќ.

Во Факултетот за образовни науки во Штип денеска се одржа петтиот состанок на Националното тело за развивање политики, на кој присуствуваа претставници од училишта, невладини организации и државни институции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.