Повозрасна жена, очигледно пензионерка, во аптека купува лекови. Нешто малку на рецепти, повеќе приватно. Плаќа 4 000 денари. Нешто и се стемнува лицето, потоа малку пребледува, но што е – тоа е! Плаќа без збор, додека долната усна и подигрува и едвај излегува од аптеката. Се вртам кон неа и некако сама по себе на ум ми доаѓа онаа потрошувачка кошничка на ССМ која на оваа жена и на сите други во државава им предвидела точно 821 денари за здравство, пишува Дарко Јаневски во колумна за „Денешен“.

Во меѓувреме, внукот на Али Ахмети ја купува Соравиа за 30 милиони евра. Заработило детето. Млад е, здрав, па не треба да ги троши оние 821 денари од синдикалната кошничка по аптеки. Така изгледа остануваат парите на сметка. Така што, ако ве мачи прашањето зошто сте сиромашни, обвинете го вашето здравје. Не туку веднаш плукајте по политиката и политичарите. А сега, испадна и дека не ја купува, туку дека добива 39 отсто од Соравиа на подарок, вредни отприлика осум милиони евра, оти на 24 години имал претприемачки дух. Машала!

Внукот на Ахмети не е единствен пример. Синчињата на Љупчо „војводата“ и на дузина други политичари, сегашни и бивши, исто така да ти станале бизнисмени. Со претприемачки дух. Умни се децата, нема што. Тоа што вашите деца се глупави, што немаат претприемачки дух и што работат по кафулиња за 20-тина илјади денари (ако се среќни), додека студираат, не е вина на умните деца на политичарите. До вас е и до вашите деца.

Така се создава третата генерација олигарси во Македонија. Првата беа комунистичките директори кои ги украдоа фабриките создадени од народот. Втората генерација се нивните деца кои ги наследија фабриките. Еве ја третата – тоа се децата и внуците на политичарите. Тие ќе ја владеат Македонија, додека во раскошните канцеларии им стојат дипломите од универзитетот на Мерко или од странство, каде ги пратиле нивните татковци одвојувајќи од устата. Тие се пателе за да студираат нивните деца, додека вие одевте на Халкидики во првите денови од јуни, за сега да имаат. Тие вложувале во своите деца, а вам, вам кој ви е виновен што сте ги фрлале парите на раскош по грчките плажи.

Целиот текст тука



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.