Професорот Ѓорги Спасов од агенцијата Рејтинг и во пензија ја брани својата партија СДСМ, овојпат за измените на Кривичниот законик. Тој преку долг фејсбук-статус ја убедува јавноста дека „помалку е повеќе“.

Ви го пренесуваме неговиот став наречен „За висината на казните и застарувањето“:

Според една анегдота, за изработка на првиот кривичен закон во повоена Југославија, била формирана работна група од врвни експерти во областа на правото а на чело на групата бил Моша Пијаде.

Кога дошол редот за утврдување на висината на казните за разни кривични дела, на секој предлог од експертите да се казнува некое дело со 20 со 10 или со 5 години затвор , Моша ќе предложил половина од должината на затворската казна што ја предлагале младите експерти. Кога во еден момент еден од нив се охрабрил да му се спротистави на Моша со образложение дека со толку куси казни нема да се постигне целта за превенција од криминал ниту ќе има доволно време за превоспитување на затворениците, Моша го прашал: ” А си бил ли ти момче барем еден ден во затвор”? Откако добил негативен одговор, Моша на групата и рекол: Е јас поминав 14 години во затвор. И знам што значи да си макар еден ден затворен.

Кај нас многумина од експертите што сметаат дека само со долгогодишни казни затвор и со страв од нив може да се спречи криминалот и корупцијата веројатно исто така не биле ниту еден ден во затвор. И многумина од нив кои веројатно слушнале за состојбата во затворите кај нас не се свесни дека една година затвор во наши затвори е еднаква барем на пет години поминати во модерните затвори во некоја Холандија Шведска или Швајцарија кои се опремени на ниво на пристојни хотели.

А што се однесува до застарување на делата. Ако е 10 години малку за апсолутна застареност нека прашаат како му било на некој обвинет што десет години чекал, од било кои причини, да му биде изречена правосилна пресуда и да се докаже неговата вина или невиност и како е да се живее 10 години со етикетата обвинет, да му се суди да биде неправисилно осуден и да чека на правосилна пресуда со изречени мерки да и биде достапен на правдата како еден вид затвореник на слобода.

Со последните промени на кривичниот закон може да се каже дека е извршена и еден вид скриена амнестија, ама таков вид измени се далеку од дерогирање на правото, уништување на правниот систем или создавањето услови за избегнување на правда за сторителите на кривични дела како што егзалтирано тврдат некои од граѓанските активисти и политичари.

На сторителите на кривични дела треба да им се суди. Но бавната правда е исто неправда. Долгите казни затвор не ги даваат секогаш посакуваните резултати. А нехуманите и деградирачки услови во затворите кај нас, за кои говори и народниот правобранител се поголема казна од секоја казна на која се осудени сторителите на кривични дела.

Ќе беше секако подобро овие измени на кривичниот закон да се донесеа во нормална собраниска постапка и со поголема јавна дебата, но никој не треба да се сомнева дека тие го хуманизираат системот на превенција од криминал за што се залагаат или барем треба да се залагаат граѓанските активисти и борци за човекови права.

Никој во овој момент не знае дали зад овие измени на кривичниот закон, усвоени на брзина и без противење од страна на опозицијата стои некаков договор меѓу партиите поврзан со промените на Уставот. Но сите знаеме дека по периодите на остри внатрешно политички конфронтации исчекорувањето напред се правело со некој вид простување и помирување.

Така се случи со Амнестијата по усвојувањето на Охридскиот рамковен договор и со Амнестијата што им беше понудена на сите учесници во насилствата од 27 април пред промените на Уставот по потпишувањето на Преспанскиот договор.

Ако и оваа промена на кривичниот закон се доживува како некое простување и помирување и смалување на чуството дека постои политичка одмазда во општеството или политички прогон ,со цел да се обезбеди поместување кон членство на ЕУ и ако таа вистина е од помош во таа насока тогаш можеби и жртвата не е многу голема.

Насоката во која ќе се движи општеството по ова можеби ќе донесе повеќе правда и повеќе мир. А на тој пат и до досегнувањето на посакуваната цел ќе се прават и грешки и ќе има и разочарувања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.