Секоја промена на изборниот систем мора да биде со консензус. Никому нема да му служи ако оди по принципот на надгласување или условување. Тоа е ултиматум. Собранието не смее да работи под ултиматум, мора да има консензус, изјави вечерва претседателот на Собранието Талат Џафери во дебатната емисија „Објектив“ на МРТВ1.
Не е проблемот во изборниот систем. Зошто не излегуваат сами политичките партии и да се мери секој колку поддршка има. Не е проблемот во шесте изборни единици, проблемот е во поддршката. Една коалиција, друга, трета и на крај за една година се распаѓаат скоро сите коалиции, рече Џафери.
Според него, треба да се води дебата за бројот на изборни единици за да се слушнат аргументите и потоа, како што рече, да може да се има евентуално консензус.
Консензусот не значи сите да добиваат се, консензусот е сите да попуштат малку, да отстапат по нешто, инаку се друго е ултиматум или диктат, рече Џафери.
За изборот на уставните судии, Џафери рече дека тоа е надлежност на Комисијата за прашања на изборите и именувањата која треба да свика седница. Заклучокот од седницата потоа оди на пленарна седница каде се отвара дебата, а за да се избере еден кандидат за уставен судија, тој мора да има поддршка од минимум 61 пратеник.
Во однос на Деловникот за работа на Собранието, Џафери смета дека издржано е да има опција за одржување на онлајн седници, но само во исклучителни случаи како што беше оној со пандемијата. Она што треба да се промени е и тоа што сега не е пропишано колку реплики може да имаат пратениците на собраниските комисии. Тоа, вели Џафери, е инструмент којшто сега се злоупотребува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.