Пленарната сала на Собранието е опремена со нова технологија и е целосно дигитализирана. Тој систем ќе биде промовиран по Нова година и се надевам дека изборот на нова влада ќе се одржи во пленарната сала, а не во салата Купола, вели во интервју за МИА претседателот на Собранието Талат Џафери.
Штотуку се завршени работите во пленарната сала за нејзино опремување со техничка опрема. Таа е сега завршена. По празниците треба да следи фаза на тестирање на системот, кој што треба да дава материјал за е-Парламент и за веб-страницата. Така што, целосно тој систем ќе биде пуштен и промовиран по Нова година и се надевам дека изборот на нова влада ќе биде долу во пленарната сала и со новата опрема со која е сè дигитализирано. Значи постапките се дигитализирани, начинот на гласање и апсолутно комплетно материјалите ќе одат електронски. Тоа ќе зависи сега од тестирањето што ќе покаже, сепак, нов систем е. Треба сите да се вклопиме, првичните сознанија за функционирањето да ги имаме сите за да може целосно да се префрлиме на работа со новата технологија – вели Џафери.
Собранието за време на пандемијата седниците ги одржуваше во Големата сала Купола, поради просторните услови кои ги нуди со цел запазување на мерките и протоколите за заштита од коронавирусот, а пребројувањето при гласање се одвиваше рачно бидејќи во неа нема инсталирано систем за гласање.
Од мандатарот и иден премиер Димитар Ковачевски, Џафери очекува коректна комуникција како од времето кога беше заменик министер, но сега, вели, во рамки на надлежностите како претседател на Влада.
Јас мислам дека нема да има проблем во таа комуникација, ниту од негова, ниту од моја страна, затоа што нема причина тоа да не биде така – вели Џафери.
Во однос на тоа дали зголеменото парламентарно мнозинство ќе придонесе за поголема ефикасност на Парламентот, спикерот нагласува дека Собранието е сочинето од 120 пратеници, без оглед дали се мнозинство или опозиција, и одговорноста е на сите, но додава, ќе биде полесно да се организира работата на Парламентот од аспект на обебзедување кворум.
Мнозинството е одговорно да организира и да биде на работа во смисла на она што е процесот на работа на пленарна седница. Опозицијата не може да одбегне дел од одговорноста по однос на работата на пленарните седници, затоа што сите ние сме избрани од граѓаните и овде сме 120 пратеници. Несогласувањата со определени предлози од мнозинството, опозицијата треба да ги искаже на пленарна седница или на комисија, а мора да се има предвидливост на почетокот и крајот на она што е законодавен процес. Одговорноста на мнозинството е во моментот кога се одлучува за определени прашања да обезбеди кворум. Секако ова мнозинство сега со 64 пратеници наспроти претходното, во секој случај дава можност да се има простор евентуално, ако некој од пратениците не е во состојба да присуствува во Собранието во момент на одлучување, да се има простор за планирање на работите – нагласува Џафери.
Во интервјуто за МИА, претседателот на Собранието Џафери говори и за можноста за онлајн учество на пратениците на пленарни седници, за т.н. глува соба,која што е потребна за работа на комисиите од областа на безбедноста и сигурноста, за Жан Моне процесот, како и за капацитетите на парламентарната дипломатија, особено во контекст на актуелните односи со соседите.
Следува целосното интервју за МИА на претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Г. Џафери, во завршната изјава на средбата со новинарите деновиве рековте декa оваа година Собранието соодветно сработило во услови на ковид-протоколи, локални избори и оставка на премиерот, но и во согласност со динамиката на работа во рамките на собраниските процедури. За дел од точките, односно законите што не беа донесени одговорноста посочивте да се побара кај претседателите на комисиите. Дали сметате дека претседателите на комисиите во Собранието калкулираат со закажувањето на седниците или е во прашање немањето доволно пратеници за кворум или едноставно блокирање од страна на опозициските пратеници?
„Не е дека вината ја префрлам кај претседателите на комисиите. И самите претседатели знаат, затоа што во работата на Собранието има Деловник, кој сите нè обврзува на почитување определени рокови за работа и на работните тела и на седниците. Имено, во Деловникот е санкционирано дека точки што се разгледуваат во прво читање, како редовна постапка, а се планирани на седница, работните тела како матични работни тела и Законодавно-правната комисија треба да ги разгледаат најдоцна три дена пред отпочнување на седницата на која се разгледува таа точка. Од таа причина, кога се свикува седница и се определува дневниот ред на таа седница, во тој момент претседателите на комисииите треба да ги имаат предвид овие рокови. Скратените постапки, Деловникот пропишува рок веднаш треба да се свика седница на комисијата за да се разгледаат тие точки. За жал, не секогаш тоа се случува и имате точки што од пред шест месеци, речиси една година стојат на дневен ред на соодветна седница, а не се разгледани во прво читање.
Деловникот е стриктен – вели три дена пред одржување на седницата на која се разгледува соодветна точка комисијата треба да ја разгледува во прво читање и да има предлог-заклучок по однос на тоа дали има потреба за таков закон или не, за да може да оди во втора фаза, во второ читање. Кога се завршува прва фаза на читање на седници, по донесениот заклучок дека има потреба, Деловникот санкционира дека во рок од седум дена од првото читање на седница на Собранието матичното работно тело треба да го разгледа тој предлог во второ читање и тогаш во второ читање се разгледува амандманска расправа. Доколку има прифатени амандмани, дополнет предлог комисијата до мене треба да достави во рок од пет дена, откако е завршено второто читање за тој предлог да го ставам на разгледување на седница во второ читање. Тоа се стриктни рокови.
За другиот дел на прашањето, дали е тоа калкулација на претседателите, дали е тоа опструкција на опозицијата, и едно и друго е. Затоа што има точки за кои не е свикана седница на комисија воопшто. Тогаш се поставува прашањето зошто не е свикана. Или калкулира самиот претседател на комисијата или, пак, е вид опструкција од опозицијата. Другиот дел точки за кои се свикани седници, а не се завршени, тоа е веќе опструкција во смисла на непрекинати процедурални интервенции или евентуално доставување голем број амандмани, со тоа да се попречи процедурата да се носи законот. Тоа треба да се остави на совеста и свеста на сите учесници и во тој контекст, анализата што ќе се прави, заклучокот ќе биде сам по себе во што е суштината.
Вака како што се одвиваат работите, доаѓаме во ситуација дека работните тела се поставуваат во ситуација над пленарната седница. Значи, наопаку се поставени работите. Тоа мора да се расчисти. Ако го гледате Деловникот тоа е расчистено, меѓутоа, процедурално по работа на комисијата, времето не е ограничено по однос на говорите, не е ограничено по однос на тоа колку пати може еден пратеник да се јави за збор. Тоа се инструментализира, фактички се претвора во инструмент за попречување на работата на работните тела“.
Дали зголемувањето на парламентарното мнозинство со влегувањето на Алтернатива во Владата ќе придонесе за подобрување на ефикасноста на Парламентот?
Ефикасноста на Собранието не е поврзана со бројот на пратеници кои се мнозинство, затоа што Собранието не му припаѓа на мнозинството, Собранието е сочинето од 120 пратеници, без оглед дали се мнозинство или опозиција. Мнозинството е одговорно да организира и да биде на работа во смисла на она што е процесот на работа на пленарна седница. Опозицијата не може да одбегне дел од одговорноста по однос на работата на пленарните седници, затоа што сите ние сме избрани од граѓаните и овде сме 120 пратеници. Несогласувањата со определени предлози од мнозинството, опозицијата треба да ги искаже на пленарна седница или на комисија, а мора да се има предвидливост на почетокот и крајот на она што е законодавен процес. Одговорноста на мнозинството е во моментот кога се одлучува за определени прашања да обезбеди кворум, па да се влезе во работата на Собранието.
Секако ова мнозинство сега со 64 пратеници наспроти претходното, во секој случај дава можност да се има простор евентуално, ако некој од пратениците не е во состојба да присуствува во Собранието во момент на одлучување, да се има простор за планирање на работите. Вие знаете, ние моравме да одиме на расправа по сите точки од дневниот ред на седница, поради инфекција на пратеници од мнозинството со Ковид-19, не бевме во можност во определени моменти во таква ситуација да бидат присутни за да обезбедат кворум. Тоа опозицијата го искористуваше и како моментум да покаже дека еве мнозинството не може да ги извршува своите обврски. Нормално, тоа потоа придонесе, во определен момент пратениците од мнозинството првично да ги донесеме во скафандери за да се обезбеди одлучување по однос на она што беше во интерес на сите, за да се донесат тие мерки, па тоа да резултира со кривични пријави, со оценки, вреднување како биолошки тероризам и не знам какви сè квалификации на тие одлуки на Собранието. За подоцна пратениците од опозицијата да се најдат во иста ситуација во моментот кога беше поставено прашањето за недоверба на Владата, кога требаа потоа од опозицијата да дојдат во скафандери во Собранието. Мислам дека тоа им беше сигнал, сфатиле дека таков начин не би требало да се искористи за условување по однос на кворумот. И последните седници кои ги имавме после тоа придонесоа веќе да не се пооставува прашањето дали има 61 пратеник од мнозинството или нема, присуствуваа и пратеници од опозицијата. Се надевам дека ова ќе биде практика и во наредната година. Во секој случај, треба да се има слух за колегијалност кон колегите кои од здравствени причини или од неодложни потреби не можат да бидат присутни, затоа што сите може да се најдат во таква ситуација“.
Собранието по скратена постапка неделава ги усвои измените на Законот за Собранието со кои треба да се постигне делумна административна самостојност на Службата на Собранието. Кои се првичните промени што ќе претстојат во работата на собраниската служба?
„Ние ги донесовме измените и дополнувањата на Законот за Собранието и при примена на тие измени увидовме дека е направен пропуст во однос на она што е надлежност на Собранието и таа празнина требаше да се прецизира, да се дополни. Последната измена се однесува на тоа, значи во однос на согласностите за сите аспекти на движење на администрацијата во Собранието е воспостваен систем со Законот за Собранието дека тоа оди преку инструментите внатре од Собранието и да не мора да зависиме од Министерството за финансии и од МИОА. Значи тој циклус на одлуки е решен самостојно со внатрешни инструменти. Конкретно, на пример, согласност за поместување, унапредување и вработување нови службеници, финансиска согласност дава претседателот на Собранието, потребите по однос на систематизација, опис и попис на работи и работни задачи на Собранието прави Советот на Собранието. Тој е раководен од генералниот секретар и во него учествуваат раководителите на сектори како највисоки раководители на единиците на администрацијата во Собранието.
Вкупниот буџет на Собранието пред да оди во Влада, на координација во системот на буџетирање во државата го утврдува Буџетскиот совет, кој го води потпретседател на Собранието и во него учествуваат претставници од сите политички партии, главно поголемите. И тоа е тој круг на надлежности, за да не биде концентрирана моќта или надлежноста на едно место, на пример кај претседателот, затоа е направен овој систем да има соодветна застапеност на сите чинители кои одлучуваат во однос на случувањата во Собранието. И во тој контекст беше и таа последна измена, која требаше да ги прецизира овие надлежности“.
Кога ќе биде пуштена новата веб-страница, која треба да придонесе за поголема транспарентност на работата на Парламентот и кога ќе стартува новиот концепт за Собранискиот канал?
„Што се однесува до веб-страницата е-Парламент и пленарната сала, штотуку се завршени работите во пленарната сала за нејзино опремување со техничка опрема. Таа е сега завршена. По празниците треба да следи фаза на тестирање на системот и тој систем треба да дава материјал за е-Парламент и за веб-страницата. Така што целосно тој систем ќе биде пуштен и промовиран по Нова година и се надевам дека изборот на нова влада ќе биде во пленарната сала, долу, и со таа нова опрема со која е сè дигитализирано, значи постапките се дигитализирани, начинот на гласање и апсолутно комплетно материјалите ќе одат електронски. Така што ќе видиме, тоа ќе зависи сега од тестирањето што ќе покаже, сепак, нов систем е.
Треба сите да се вклопиме, првичните сознанија за функционирањето да ги имаме сите за да може целосно да се префрлиме на работа со новата технологија. Што се однесува до Собранискиот канал, ние на два пати имавме јавен повик за јавна набавка за опремување на студиото. За жал, или имаше несоодветни понуди по однос на цената, или техничките спецификации не беа соодветни, па требаше дополнителни консултации.
Оваа година се планирани средства за тоа, ќе се донесе планот за јавни набавки за 2022 година. Се надевам дека ќе биде дел од тој план, но сè зависи од постапките, во смисла на она што ќе биде побарувањето и што ќе биде понудата во однос на цените, имајќи предвид дека според Законот за јавни набавки цената е сè уште одлучувачки критериум во конечната одлука за избор на понудата. Така што мора да биде најевтина понуда. Битно во планирањето е соодветно предвидено, соодветно предвидено е и опремување на салите, каде што се одржуваат седниците на работните тела со дополнителна опрема за да може да се вклучи во системот на дигитализација и за да може да се следи онлајн и работата на комисиите. За наредната година ни останува да ги доопремиме салите каде што се одржуваат комисиите за да можат и тие да се вклучат во дигиталниот систем за да може онлајн да се следи работатата на комисииите во исто време. Сè ќе зависи од постапките кои ги пропишува Законот за јавни набавки. Не можеме надвор од тоа.
Дел од проектите се реализираат со Програмата за поддршка на Собранието од швајцарската Влада и другите меѓународни институции што се вклучени во поддршка на Собранието. Има дел што се однесува на т.н. глува соба, за работа на комисиите од областа на безбедноста и сигурноста, која, за жал, во два наврати минатата година не успеавме да направиме избор поради понудите што беа енормно повисоки од она што беше првично планирано. Така што, се надеваме дека и за тоа, градежните работи да се изведат, да се доопреми и таа просторија за да овозможи соодветна безбедносна работа со класифицирани информации имајќи предвид дека ние веќе сме членка на НАТО и процедурите се стриктни и строги по однос на чување класифицирани информации, кои што се и контекст на НАТО и на она што е работа на државните институции. Та а ќе биде во рамките на Собранието, но ќе имаат можност сите институции што имаат допир со работа и размена на класифицирани информации да ја користат. Тоа ќе биде посебна просторија во која ќе биде архивирано сè што е класифицирано, со електронска работа.
Тоа се тие работи што се придружни на она што е видливо на седниците кои одат во директен пренос на Собранискиот канал, работи што се случуваа и ќе се случуваат во Собранието затоа што работа на Собранието не се само седниците што се гледаат, туку и административни, технички работи што, сепак, не се видливи за јавноста, но настојуваме преку објава на активности на Собранието да биде достапно и до медиумите и до граѓаните. Во тој контекст и беше воспоставена практика на редовни средби со новинарите за да бидат во тек со сите работи што се поминати и со работите што се во план во наредниот период. Таа практика ќе продолжи и во наредната година“.
Последната средба во рамките на процесот „Жан Моне“ се одржа во септември во деновите на жалост поради трагедијата во модуларната болница во Тетово. Кога е следниот состанок и што е преостанато да се договори во однос на усвојувањето на новиот Деловник за работа на Собранието и дали ќе се разгледува можноста за онлајн учество на пратеници на пленарни седници?
„Засега нашиот Деловник не дозволува онлајн работа. Новиот систем што го вградивме ја има таа опција. Доколку се направат измени во Деловникот, ќе ја има и таа опција да може Собранието да работи и онлајн. Системот обезбедува висок степен на заштита на идентитетот на оној што треба да учествува онлајн, но пречка е Деловникот. Во процесот „Жан Моне“ идејата е член по член, ставка по ставка Деловникот да се допрецизира и да не се остави простор за негово двојно толкување, да се допрецизираат некои постапки и процедури, коишто, еве, се искажаа како проблем и како можност за инструментализирање на одредбите од Деловникот. Верувам, пред избор на влада, не би било можно да се организираме да има нова средба во рамките на процесот со присуство и на европратениците. Но ние овде како работна група кои сме, непречено може да се сретнеме во кое било време. Но сепак, мислам дека сега за празниците и по Нова година, пред 15 јануари не можеме да планираме таква средба“.
Новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, го доби мандатот од претседателот Пендаровски, со што течат роковите од 20 дена за поднесување на програмата и персоналниот состав на новиот владин кабинет до Собранието. Веќе изјавивте дека новата Влада би била функционална уште на 17 јануари. Каква е вашата порака до мандатарот и иден премиер за соработката со Парламентот?
„Не се работи за порака. Надлежностите ни се пропишани со Устав и со Закон. Според Деловникот, претседателот на Собранието ги координира релациите помеѓу властите и секако дека во тој дел, неспорно е дека и претходно како заменик-министер, како дел од Владата сме имале соодветна комуникацикација, коректна и се надевам дека тоа така и ќе остане и нема причина да не биде така. Во контекст на надлежноста како претседател на Влада којашто произлегува од Законот за Влада, од Уставот, и од Деловникот, тој однос не би требало да има друга димензија во смисла на она што било релацијата досега освен што ги спојува надлежностите во смисла на меѓусебна комуникација. Јас мислам дека нема да има проблем во таа комуникација, ниту од негова, ниту од моја страна, затоа што нема причина тоа да не биде така“.
Парламентарната дипломатијата има свое значење и место во однос на надворешната политика на државата. Оваа година првпат во Атина се сретнавте со вашиот грчки колега Тасулас. Таа средба ја оценивте како историска. Има ли изгледи да дојде до прва официјална посета на Тасулас оваа година на Скопје?
„Факт е дека ние имавме прва средба од такво ниво во овие три децении и тоа на тлото на една од двете држави. Претходно на маргините на други мултилатерални настани имало поздравување, но во смисла на она што се односите е прв пат на ова ниво средба и јас сум презадоволен прво од начинот и почитта која мојот колега Тасулас ја искажа и кон мене лично, но и кон Собранието како институција. Изрази подготвеност дека треба да поработиме заедно во наредниот период за почести видувања и средби. Изрази подготвеност да прати дел од пратениците кои би присуствувале во Собранието во контекст на билатералните односи и меѓупарламентарната соработка и мислам дека е тоа добар сигнал, добар почеток. Но во оваа ситуација никогаш не можеме да ги поврзуваме работите и да ги условуваме во оваа или таа година. Битно е таа комуникација стои, ние и после тоа разменуваме соодветни преписки во смисла на случувања како што беше со несреќите, па соодветно, изрази на сочувство за тоа.
Воспоставена е линија на комуникација и тоа е добар сигнал. На нам обострано останува тоа да го интензивираме и секако дека парламетарната дипломатија и комуникација е полесна во смисла на тоа што не е обременета со многу процедури во комуникацијата, стриктни, законски и воглавно, таа не е како однос стриктен во смисла да зависи од соодветни претходни прописи па да се придржуваме на тоа. Значи, лесно се отвораат сите можни теми, за да може потоа подлога да имаат другите власти кои што ја спроведуваат надворешната политика – значи претседателот, Владата и МНР, за да може конкретно потоа по тие прашања да навлегуваат во соодветно правно уредување на работите.
И тоа е таа потреба од парламентарната комуникација затоа што е ослободена од бремето на прописите, и остава простор послободно да се отвораат теми кои што не се обврзувачки во смисла на она што би бил крајниот производ на тоа. Затоа се отвараат тие теми и после се допрецизираат во смисла на она што треба да има и формално правна и меѓународна рамка во смисла на договори. Потоа тој договор доаѓа соодветно во Парламентите да се ратификува, затоа е таа врска, целиот круг на таа комуникација да се затвори. Ратификацијата е фактички потврда на она што разговарале сите инстанци и се претвора во пропис, односно договор“.
И покрај ветото од Бугарија, најголем дел граѓани упорно веруваат во евроинтеграцијата на земјата. Актуелната бугарска Влада најави нов надграден пристап, но и дека остануваат старите позиции утврдени со декларацијата во Народното собрание, која ги оспорува нашиот идентитет и јазик и историјата. Постои ли можност за вклучување на Парламентот со иницијативи за соработка во насока на придонес за деблокада на евроинтеграцискиот пат на земјата како наша стратешка определба?
„Секогаш постои можност доколку има обострана подготвеност и волја за комуникација и за размена на она што би било односот и соработката. За жал, цела година таму немаше ефективно Собрание. Во претходните состави, можам да кажам дека на парламентарно ниво односите ни беа одлични во комуникацијата и двострана меѓу нас како претседатели на парламентни, па и во другите рамки на комуникација и мултилатерална и во други инстанци. Секако, има простор во оваа година доколку има интерес, јас сум подготвен во секој момент да остварам билатерална средба, било овде било таму, не ми е пречка каде би се сретнале, и да се воспостави таа официјална меѓупарламентарна комуникација на највисоко ниво. И, како што реков, определени теми може да се отворат таму, па да се дообјаснуват неофицијално во што е разликата во однос на размислувањата, а другите институции потоа тие работи да ги допрецизираат во смисла на она што би било правна рамка на надминување на разликите кои што ги имаме по однос на определени прашања. Секако, јас сум подготвен и треба да сме подготвени.
Ние целиме да одиме во ЕУ, вредностите ни се европски без оглед на она што се согледувањата во моментов таму. Затоа треба дијалог, затоа треба комуникација за да се дообјаснуват до крај сите работи. Ако останува комуникацијата од дистанца и да се разговара преку ѕид, тогаш ефектот е тој што е, секој ќе се забарикадира во своите позиции и остануваме како што бевме останати со децении по однос на слични прашања. Затоа директната комуникација, затоа дијалогот е инструментот кој што конечно треба да доведе до надминување на она што е разлика по однос на прашања и се надевам на разбирање по однос на она што е индивидуалното и колективнто чувство на граѓаните по односните прашања кои што ги засегаат. Така што јас сум подготвен на таква соработка“.
Дали би иницирале таква средба со вашиот колега Никола Минчев?
„Сега не е прашањето кој ќе ја иницира, може и да ја иницираме, но во секој случај таа треба да е искоординирана и соодветно подготвена, а не само да се оди, условно кажано на кафе пиење, па да раговаравме, туку соодветено да биде поткрепена со сите аргументи по однос на кои би се разговарало. И тоа е таа работа којашто ќе ја подготвиме. Секако, по изборот на влада, ние ќе седнеме на таа тема, ќе се искоординираме со претседателот на државата и во секој случај треба да излеземе со приближно еднакви ставови по истите прашања, да нема разногласие во однос на сфаќањата, на интерпретацијата на нештата. Така што, таа работа не е само да се седне да се разговара, туку е потребна соодветна темелна подготовка за да може на тоа ниво и официјално да се вклучат парламентите во таа дискусија“.
За крај, по што ќе ја паметите минатата година?
„На личен план ќе ја паметам по добивањето на новиот член во семејството – внука од синот. Второ внуче, по внукот од ќерката. На професионален план 2021 беше динамична година, со многу настани, но би ја издвоил првата официјална посета на Претседател на Собранието на Парламентот на ОАЕ. Се надевам дека во оваа година ќе нè напушти пандемијата на короната. Ја следиме стручната фела и секако еден период ќе се соочиме со овој проблем, и, треба да сме внимателни. За жал, и покрај вакцинацијата, новите соеви се отпорни на вакцината и создаваат дополнителни проблеми и во тој контекст треба сите да сме внимателни“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.