Напредокот во технологијата за социјално вмрежување ја подобрува социјализацијата меѓу корисниците и тие стануваат поотворени во искажувањето на своите размислувања и споделувањето информации, а сето ова носи и пораст на прекршувањата/злоупотребата во дигиталниот простор. Следење, чекање пред домот или работното место, доближување, непожелни пораки и повици, давање подароци што не се посакувани, појавување на места каде што е жртвата, се дејства со кои се означува новото кривично дело „демнење“, кое се очекува да биде воведено во новите измени во Кривичниот законик што се во собраниска процедура.

Во новите законски измени во Кривичниот законик што ги подготви Министерството за правда се предвидени и затворски казни до три години. Ќе се казнуваат парично или до три години затвор оние што подолго време следат некого, прогонуваат или се мешаат во личниот живот на друг, при што ги злоупотребуваат личните податоци на жртвите, телекомуникациските или други системи на комуникација. Овие законски измени дојдоа откако на почетокот на 2021 година се актуализираше групата „Јавна соба“ на мобилната апликација „Телеграм“, каде што се споделуваа експлицитни фотографии, видеоматеријали со порнографска содржина и телефонски броеви со ценовници за наводни услуги на девојките. Групата броеше повеќе од 7.400 членови, меѓу кои имаше и малолетници. Досега за овој случај судски постапки се поведени против креаторот и администраторот на групата.

Од Министерството за правда за МИА велат дека овие измени уште пред неколку месеци Владата ги усвои и се пратени во Собранието. Посочуваат дека измените на КЗ веќе се поминати на една од комисиите – Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и ќе треба да поминат и на уште неколку комисии за да се најде на пленарна седница пред пратениците.

Податоците од истражување направено во 2020 година од Реактор – Истражување во акција говорат дека 80,1 отсто од испитаничките имале искуство со вознемирување или кибернасилство. Речиси половина од испитаничките – 47 отсто добиле пораки со вулгарна содржина, повеќе од една третина – 34,8 отсто биле навредени или континуирано вознемирувани, повеќе од секоја четврта испитаничка – 26,2 отсто добила експлицитни фотографии (со гениталии и сл.) и на повеќе од секоја четврта ѝ се случило некој да ѝ побара да прати експлицитна фотографија од себе – 26 отсто. Повеќе од секоја петта испитаничка – 22,9 отсто имала онлајн демнач, и нешто помалку од една петтина имале искуство со хакиран профил на социјална мрежа.

Додека, од Министерството за внатрешни работи за МИА потенцираат дека во текот на 2020 година на подрачјето на СВР Скопје се пријавени вкупно шест кривични дела од кои четири кривични дела по член 144 ст 4 „загрозување на сигурноста“ и две кривични дела по член 193 „прикажување порнографски материјал на малолетник“.

Во текот на 2021 година, односно од 1.1.2021 до 31.11.2021 година на подрачјето на СВР Скопје се пријавени вкуно две кривични дела, од кои едно кривично дело по член 193 „прикажување порнографски материјал на малолетник“ и едно кривично дело по член 193-б „намамување на обљуба или др. полово дејство на малолетник“.

Ана Аврамовска Нушкова, правна советничка од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, за МИА истакнува дека демнењето е дејство што е повторливо и оти треба да биде санкционирано, бидејќи, како што вели, е кривично дело што може да превенира потешки кривични дела. Таа вели дека според статистиките од европски и американски истражувања, еден демнач ја демне жртвата најмалку две години пред да настане потешко кривично дело, како тешко телесна повреда или убиство, односно фемицид.

Жртвата ќе знае дека е демнета затоа што нема да го препознае како збор, но ќе знае дека има лошо чувство, дека е заплашена и едноставно личноста се појавува цело време на места каде што е таа или ја чека од работа или пред домот. Демнењето треба да се пријавува, независно дали ќе настапат за брзо време измените на Кривичниот законик, сепак како поим и како дејство и како вид насилство е препознаено и во граѓанскиот закон можат да се изречат привремени мерки за заштита што би ја заштитиле по првичната пријава – вели Аврамовска Нушкова.

Фросина Ивановска, психотерапевтка од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во изјава за МИА вели дека прегледот на повеќе студии што го проучуваат овој феномен и особено влијанието врз жртвите укажува на повеќекратни штетни последици по менталното здравје.

Негативните емоции и физички симптоми вклучуваат: анксиозност, депресија, тага, лутина, страв, срам, изолација, ниска самодоверба, параноја, болки во стомакот, напади на паника, сè до самоповредувачко однесување. Девет студии покажуваат дека некои жртви се самоповредиле или имале самоубиствени мисли, а неколку изјавиле и дека се обиделе да се самоубијат – вели таа

Ивановска вели дека често срамот и стравот од осуда, исмевање, јавно понижување, ја оставаат жртвата подолго време сама и изолирана без никаква поддршка, со демнач/вознемирувач, кој поради карактеристиките на дигиталниот простор (онлајн комуникација 24/7, неможност да се избега на безбедно место и глобалниот пристап до информации) со своето однесување може многу поинтензивно да дејствува и сето ова да придонесе до катастрофални последици по менталното здравје, особено кај младата популација, рече Ивановска.

И комуникологот – специјалист за односи со јавност и нови медиуми Бојан Кордалов во изјава за МИА посочува дека е потребно многу повеќе да ја подигнуваме јавната и индивидуалната свест, да едуцираме, а секогаш кога ќе се премине дозволената линија и да казнуваме, бидејќи демнењето, како и другите негативни појави на интернет, како што вели, можат да доведат до многу несакани последици, особено кај децата, почнувајќи од вознемиреност, нарушување на менталното здравје, па сè до посегнување до личниот интегритет и живот.

Како комуниколог поддржувам сè што води кон инклузивно општество, гради имуни и отпорни граѓани на правење прекршочни и кривични дела, но и обезбедува демократска одржливост на нашето општество. Едноставно, општество во кое и со носењето закони ќе пратиме јасни пораки дека секој човек ни е во центарот, дека веруваме во зрелоста на секој наш граѓанин. Комуникација со која јасно ќе покажеме дека граѓаните се партнери на власта во спроведувањето на законите, сојузници без чија заедничка комуникација и дејствување ништо не може да се промени на подобро – вели Кордалов.

Александар Видиновски, портпарол во Министерството за правда, за МИА вели дека тие како Министерство, тоа е максимумот што можат да го направат – закон по кој институциите потоа ќе издејствуваат за појави на вознемирување жени во дигиталниот свет за да се намали колку што може повеќе.

Во однос на заштитата, Аврамовска посочува дека на жртвите во располагање им стои и
Граѓанскиот законик за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, каде што имаат можност доколку една жртва е демнета да побара или да поднесе до Центарот за социјална работа и доколку ги има доказите со кои би можело да се потврди тоа, центарот преку своите стручни и професионални вработени да поднесе предлог до судот за изрекување привремена мерка за заштита, кои се во времетраење од три месеци со можност за продолжување до една година.

Генерално институциите не посветуваат доволно внимание на случувањата во интернет-просторот, другите држави работат со многу отворени очи на ова поле

Кордалов смета дека како општество, вклучително како институции генерално не посветуваме доволно внимание на случувањата во интернет-просторот.

Како да не сакаме да се помириме дека општествата неповратно се менуваат во насока на дигитализација.

 

Второ, нашето општество е склоно кон поддршка само на санкции, кои се секако неопходни, но притоа забораваме дека најзначајниот дел е превенцијата. Токму целта на секое решение, на секоја казна е да превенира, а само по исклучок, ако се прекрши правилото, да казнува – вели Кордалов.

Тој смета дека како општествено-политички чинители многу зборуваме, а малку преземаме.

Секако секој во рамките на своите надлежности. Да го промениме ваквиот пристап и особено да најдеме начин да им објасниме на дел од институциите дека нивната одговорност е клучна во овој процес бидејќи зборуваме за процеси во кои секој од нас е засегнат – вели Кордалов.

Во однос на тоа како се справуваат другите држави со ваквите напади преку социјалните мрежи, Кордалов посочува дека работат со многу отворени очи, разработка на оваа тема во рамките на своите надлежности, со ангажирање и доквалификување стручни луѓе по институциите во оваа област со цел нејзино препознавање, превенирање и брзо санкционирање секогаш кога е потребно.

Секако, со добри законски прописи, но најважно и со нивно постојано адаптирање, како и прифаќање дека сѐ што важи во секојдневната, се применува и во виртуелната реалност – вели тој.

Жртвите немаат доверба во институциите, кривичните дела ги пријавуваат кај невладините и психолозите

Аврамовска Нушкова истакнува дека жртвите во принцип немаат голема доверба во институциите, но сепак, вели таа, единствени надлежни за решавањето на нивните проблеми, а поврзани со насилството и семејното насилство, се сепак на првата линија полициските станици, односно претполициските службеници и центрите за социјална работа.

Довербата кон граѓанските организации ја имаат повеќе, а тоа се докажа посебно за време на првата година од здравствената криза од пандемијата, односно првите месеци кога главното пријавување на семејното насилство беше преку граѓанските организации, кои беа препознаени на првата линија каде што можат да им ја дадат првата помош и поддршка на жртвите на насилство – вели таа.

Видиновски вели дека во случајот со Јавна соба 1 и 2, каде што дел од жртвите јавно проговорија дека не им веруваат на институциите кога биле да го пријавуваат бидејќи немале никаква реакција од институционална основа по однос на нивната жалба дека биле вознемирувани, дека им биле злоупотребувани личните податоци, односно на некој начин биле прогонувани во обид да се воспостави контакт, сега откако ќе се изгласаат измените на Кривичниот законик, делото демнење ќе влезе во нашиот законски систем и тогаш полицијата и обвинителството ќе можат да постапуваат по конкретно дело.

Токму заради тоа и се прави, да не рече некоја немам по што да гонам некој што се обидува десет пати да те контактира не по твоја желба, сега ќе може тоа да го направи. Сепак, мора да се каже дека ние како Министерство за правда дека со носење на ова дело или со измените на КЗ дека ќе го решиме проблемот, меѓутоа е како една добра појдовна точка да можат полицијата, судовите и обвинителството да постапуваат. Ако не се држат сите според овие измени на КЗ што ќе бидат донесени, додека не заживее во дело во практиката, не сме направиле ништо – вели  Видиновски.

За превенција потребни обуки со полицајци и препораки за жртвите како побезбедно да ги користат социјалните мрежи

Ивановска вели дека за превенирање на последиците од вознемирување на социјалните мрежи потребно е да се организираат обуки за користење директни и електронски методи за интервенирање и спречување на овој вид вознемирување.

На жртвите им е потребна поддршка, меѓутоа и видлива и ефективна заштита, со препораки и насоки како побезбедно да ги користат социјалните мрежи, особено при споделување на нивните лични информации – вели таа.

Слично мислење има и Аврамовска Нушкова, која вели и дека останува потребата од голем број обуки и работа, не само со полицислите службеници, со центрите за социјална работа, туку најмногу фокусот да биде ставен на јавните обвинители и судиите.

Од Министерството за правда очекуваат да нема пратеник што би бил гласал против овие измени, но секако, како што велат, доколку некој пратеник смета дека може некако да се подобрат измените, тоа да го приложи.

Знаеме што се случуваше во изминатиот период. Имаше период каде што поради изборите кога Собранието не работеше и, за жал, се одолговлекува целиот процес. Очекуваме конструктивна дебата и без ниту еден глас против да се донесат овие измени. Во новите измени на КЗ е внесен еден голем спектар на заштита на жените не само од демнење, туку и од полов напад, од сексуално вознемирување на работно место или дома – истакнува Видиновски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.