Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари средба со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Каират Абдракхманов, со кој се согласија дека нашата земја е позитивен пример и референца за целиот регион и пошироко и оти е пример за функционална мултиетничка демократија.
Џафери, како што соопшти собраниската Прес-служба, изрази благодарност до сите претходни високи комесари за национални малцинства на ОБСЕ, за целата поддршка што нашата земја ја добива во изминатите години во големите напори за подобрување на меѓуетничките односи и промовирање на поголема свесност за интегрирање на малцинствата во општеството.
Претседателот на Парламентот го информираше гостинот дека Република Македонија, како следен претседавач со ОБСЕ во 2023 година, има визија да промовира приоритети од заеднички интерес на сите земји членки на ОБСЕ и да ги вгради главните принципи и заложби на ОБСЕ, вклучително и принципите за унапредување на човековите и малцинските права, се вели во соопштението.
Високиот комесар за национални малцинства, Абдракхманов, пак, истакна дека високо се цени соработката на државните институции, академската заедница и невладиниот сектор во земјата со сите тела на ОБСЕ.
Тој нагласи дека стои на располагање за логистичка и административна поддршка и помош во текот на нашето претседавање со ОБСЕ и укажа дека се залага за зајакнување на социјалната кохезија и мултиетничкиот соживот во Република Македонија. Абдракхманов покажа особен интерес за примена на Бадинтеровиот принцип на гласање во Собранието, како и за концептот „едно општество за сите“, за што Џафери опширно образложи на средбата.
Двајцата соговорници се согласија дека земјава се издвојува како позитивен пример и референца за целиот регион и пошироко и оти е пример за функционална мултиетничка демократија, во согласност со вредностите и заложбите на ОБСЕ, која се стреми да биде активен придонесувач во надворешната политика на Организацијата и во други мултилатерални форуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.