Една година откако бизнисменот Владимир Стајиќ, газдата на „Супертрејд“ го купи порталот „Нова“, сајтот од него го купи главниот и одговорен уредник на „Цивил медиа“ и на Фронтлајн“, Џабир Дерала.
Тој ја потврди информацијата за БИРН.
Јас сум новиот сопственик на Нова ТВ и со посебна чест го преземам тој предизвик, вели за медиумот Дерала и посочи дека порталот го купил како физичко лице, односно, како што вели, „со свои пари“.
Промената во Централниот регистар, како што кажа, ќе биде направена на 31 август.
Причината за купување на НОВА ТВ, покрај сопствеништвото врз „Фронтлајн“ преку компанијата „Шорткат“ и раководењето со „Цивил – медиа“, Дерала ја објаснува со „поширока замисла во која ќе бидат ангажирани уште новинари“.
Како што објаснува, откако ќе се преструктурираат, еден дел од постојните новинари ќе бидат ангажирани во Нова ТВ.
Во медиумските кулоари се пласираа информации дека паралелно со купопродажбата на „Нова“, на постојните новинари во „Фронтлајн“ им се делат откази.
Дерала ова го демантира.
Нема откази. Спогодбено се разделуваме со двајца/тројца од тимот, вели тој.
Причината е, како што рече, разидување околу работните обврски. Најави ангажирање на уште најмалку четворица новинари.
Поранешниот сопственик на Нова, пак, Владимир Стајиќ, за БИРН изјави дека медиумот го продал поради „економски причини“ и дека не се снашол во медиумскиот бизнис, па продолжува со неговиот примарен бизнис со нафта.
По ланската промена на чело на уредничкиот тим застана новинарката Мирјана Трпческа. Кратко потоа на истата позиција дојде Соња Крамарска.
Во првите десетина дена од почетокот на август, порталот престана со објавување вести, а продолжи во последниве денови.
Нова ТВ е портал што го формираше тим новинари на затворената А1 телевизија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.