Државен советник во Министерство за култура и поранешен пратеник на ДУИ, вработени во Министерството што го раководи Артан Груби, поранешен член на ДИК, вработена во општина Струга, но и советничка за протокол во владата. Овие се дел од луѓето кои добиле државни пари за невладини организации во кои се основачи, открива Слободна Европа. Во огласот за финансиска помош за невладините избришан е членот од Законот за спречување корупција со кој се забранува корисници да бидат избрани или именувани лица.

Околу 325.000 евра од државната каса легнале на сметките на невладини организации, во кои голем дел од нивните основачи веќе земаат плата од државата, покажуваат податоците од владината дата база „Отворени финансии“.

До 2022 година, парите за невладиниот сектор ги доделуваше Генералниот секретаријат на Влада. Со одлука на владата, втора година по ред, државната помош за здруженијата ја прераспределува министерството на првиот вицепремиер, Артан Груби.

Дел од 33-те добитници на државни пари за финансирање на здруженија и фондации од Министерството за политички систем за 2023 година се и нови организации формирани пред помалку од две години и се делумно непознати за граѓанскиот сектор.

Некои од невладините кои ги добиле грантовите се вработени во администрација на централно или локално ниво, а некои се дел од институции каде што се политички назначени од владејачката партија ДУИ. При проверката на основачите на невладините организации РСЕ наиде на имиња на луѓе од Скопје, Тетово и Струга, кои во одредени временски периоди се поврзуваат со владејачката ДУИ.

Државен советник во култура и донатор на ДУИ со државна помош ќе ги враќа заедничките вредности во земјава

На листата добитници на државни пари, едно од позвучните имиња е актуелниот државен советник во Министерството за култура, Бехиџудин Шехаби, кој е основач и претседател на невладиното здружение „Ел Хилал – Скопје“.

Ова здружение од министерството на вицепремиерот Артан Груби доби 10 илјади евра од државната програма за финансирање на здруженија и фондации. Според податоците од владината дата база „Отворени финансии“, овие пари од Министерството легнале на сметките на организациите седум дена по објавата во Службен весник.

Бехиџудин Шехаби е вработен во Министерството за култура како државен советник за европски прашања и креативни индустрии. Претходно, бил и државен секретар во оваа институција.

Членови на невладина кои добиле вработување кај Артан Груби

Вкупно 10 илјади евра на 27 декември доби и невладината организација „Блетезат“. Нејзин претседател е Дјелза Челику. Покрај нејзе, во основачката структура на организацијата се запишани уште и Дрилона Абдиу и Улза Челику.

Случајно или не, документ од Агенцијата за администрација покажува лица со овие имиња и презимиња добиле вработувања во 2022 година во Министерството на вицепремиерот Артан Груби како помлади соработници за унапредување на употребата на јазиците на етничките заедници. И тоа на ист оглас.

Невладина основана од вработена кај Мерко и портпарол во државна институција

Од државата пари доби и здружение во кое членува вработена во општина Струга, каде што градоначалствува Рамиз Мерко од ДУИ. Неговата советничка за спроведување на проекти во секторот туризам и меѓународна соработка, Беса Зиба е една од петте основачи на невладината „КФДК – Струга“

Нејзината колешка, основач на здружението, Лиса Баути – Шаќири, сопруга на новиот директор на МКЦ, Бени Шаќири, всушност има слична позиција како нејзината, само во друга, државна институција.

Баути – Шаќири е портпарол на државното акционерско друштво Национални енергетски ресурси (НЕР). Според податоците од веб – страницата, таа во 2021 година, со одлука на институцијата, била назначена за овластено лице за прием на пријави од укажувачи во НЕР АД Скопје.

Оваа невладина организација која е основана во август 2021 година од Министерството за политички систем добила 10 илјади евра за креативна инклузија.

И владина советничка во невладина организација

Меѓу 33-те добитниците на државни пари се појави името на владината советничка за протокол, Нина Чоловиќ, која е една од неколкуте основачи на штипското невладино здружение за лица со ретки болести – фенилкетонурија „ПКУ Херои“. Десетте илјади евра здружението ќе ги искористи за проектот – едукативни трибини за ретката болест фенилкетонурија.

Чоловиќ е дел од владиниот протокол на премиерот Димитар Ковачевски. Но, според законот за спречување на корупција и судир на интереси, основач на правно лице (невладина организација или компанија) не треба да биде корисник на финансиска поддршка од државата, иако критериумите во јавниот оглас тоа го дозволуваат.


Целиот текст на Радио Слободна Европа



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.