Kосовската и македонската полиција истражуваат како украдена медицинска опрема од болниците во Македонија завршила во рацете на скопскиот бизнисмен Дритон Шуки за потребите на неговата приватна болница во Косово.

Како што пренесува „Радио слободна Европа“, Шуки, кој меѓудругото е сопственик на поликлиниката „Авицена КС“ во Приштина, во декември 2019 година станал член на Централниот одбор на ДУИ, година кога бил и најдарежливиот донатор на партијата. Според листата на донатори кои ДУИ ја испратила на адресата на Државниот завод за ревизија, на контото на партијата Шуки уплатил околу 2 милиони денари или 32 илјади евра.

Како што објави косовската полиција на 17 ноември, бил сослушан и е осомничен дека направил кривично дело со купување на медицински апарат кој се сомничи дека е украден во Скопје.

По одземање на апаратот и потребните полициски постапки, во координација со државниот обвинител е инициран предмет против осомничениот Д.Ш, 47 годишен маж за купување набавка, прифаќање или прикривање на предмети прибавени со сторено кривично дело, се наведува во соопштението на косовската полиција.

Косовските медиуми јавија дека станува збор за медицинска опрема вредна 45 илјади евра, а бизнисменот Шуки истата ја купил за 10 илјади евра. Не наведуваат за каква опрема станува збор и кои се останатите осомничени. Дел од косовските медиуми јавија дека во случајот е вклучен и Интерпол.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.