Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) го добила Договорот со американско-турскиот конзроциум „Бехтел и Енка“ што го побара како дел од документацијата за предметот што го отвори во однос на проектот за изградба на коридорите 8 и 10д по објавите во медиумите околу изборот на надзорот и веќе формирала тим од четворица советници за анализа на предметот.

Го побаравме договорот, го добивме и работиме на сите документи, што значи сега анализата е во тек, изјави денеска претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, во одговор на новинарско прашање.

Ивановска рече дека не може да каже рокови, но нагласи дека тој предмет „им тежи најмногу“ и оти со сите сили се вложени за да се сработи побрзо.

Го формиравме тимот. Точно. Тимот е составен од четворица советници. Секој е специјалист во својата област. На пример, некој во јавни набавки повеќе, некој во делот за вработувањата. Имаме еден одличен истражувач, тој секако е вклучен. Советникот каде што по редовен пат, нели, по електронскиот систем се паднал предметот, членот на Комисијата Катица Николовска, јас се вклучив во предметот, така што со заеднички сили ќе истераме напред. Не можам да кажам некои строги рокови заради тоа што и времето ни е малку расцепкано. Постојано сме вклучени во скрининзите. Минатата недела Катица се врати, следната недела јас треба да одам, меѓутоа тимот од советници работи. Ние се координираме и кога не сме физички присутни, нели технологијата дозволува. Тој предмет највеќе од сите ни тежи, така што сите сили се вложени за да биде што побрзо – изјави Ивановска, која учествуваше на предавање во рамки на промотивната кампања за борба против корупцијата „Бидете херои на чесноста“ во ОУ „Коле Неделковски” во Општина Центар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.