Државната комисија за спречување на корупцијата, јавно ги демантира изнесените наводи од Министерот за надворешни работи на РСМ, Бујар Османи, објавени преку порталот „Алсат.мк“ на ден 20.01.2023 година.

Државната комисија за спречување на корупцијата, своите наводи ги темели на издадениот Конечен Извештај од извршената ревизија на регуларност на искажаните трошоци за службените возила во Министерството за надворешни работи од 01.08 до 31.10.2021 година (во изборен процес), со број 58-13627/22-1 од 29.04.2022 година, доставен до ДКСК на ден 03.05.2022 година.

Во Извршното резиме до Министерот, наведени се состојби кои укажуваат дека:

– Нема определено надлежно лице за водење евиденција на возилата и опремата и нивно сервисирање, регистрирање и осигурување;

– Не се води евиденција кое лице управува со кое службено возило, ниту се прават патни налози со внесување податоци за поминати километри;

– Одредени корисници на службени возила немаат обезбедено и доставени уредни и веродостојни сметководствени документи до сектор за финансиски прашања;

– Не е воспоставен систем за контрола на користењето и потрошувачката на гориво на службените возила.

Ова е во спротивност на тврдењето на Министерот дека нема таков извештај од „некој” внатрешен ревизор и дека ДКСК погрешно ги интерпретира наводите. Имајќи ги во предвид наводите од Извештајот, Државната комисија ја донесе предметната Одлука број 12-.436/1 23.01.2023“, стои во демантот на ДКСК.

Османи претходно ги негираше тврдењата на Антикорупциската комисија дека возила на МНР се користеле во партиски цели. Тој одговори и на критиката од шефицата на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, дека тој патувал и држел партиски активности во работно време, во предизборието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.