Државната комисија за спречување на корупцијата, јавно ги демантира изнесените наводи на министерот за надворешни работи Бујар Османи на 20 јануари дека возила на МНР не се користеле во партиски цели. ДКСК на 18 јануари објави дека министерот Османи и министерот животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, користат службени возила за партиски цели.

Државната комисија за спречување на корупцијата, своите наводи ги темели на издадениот Конечен Извештај од извршената ревизија на регуларност на искажаните трошоци за службените возила во Министерството за надворешни работи од 01.08 до 31.10.2021 година (во изборен процес), со број 58-13627/22-1 од 29.04.2022 година, доставен до ДКСК на ден 03.05.2022 година, се наведува во нивното соопштение.

ДКСК понатаму посочува:

Во Извршното резиме до Министерот, наведени се состојби кои укажуваат дека:

– Нема определено надлежно лице за водење евиденција на возилата и опремата и нивно сервисирање, регистрирање и осигурување;
– Не се води евиденција кое лице управува со кое службено возило, ниту се прават патни налози со внесување податоци за поминати километри;
– Одредени корисници на службени возила немаат обезбедено и доставени уредни и веродостојни сметководствени документи до сектор за финансиски прашања;
– Не е воспоставен систем за контрола на користењето и потрошувачката на гориво на службените возила.

Ова е во спротивност на тврдењето на Министерот дека нема таков извештај од „некој“ внатрешен ревизор и дека ДКСК погрешно ги интерпретира наводите. Имајќи ги во предвид наводите од Извештајот, Државната комисија ја донесе предметната Одлука број 12-.436/1 23.01.2023, велат од Комисијата.

Наспроти тврдењата на Антикорупциската комисија дека возила на МНР се користеле во партиски цели, шефот на дипломатијата Бујар Османи негира. Од Антикорупциска ставовите ги темелеа на извештај од внатрешната ревизија на Министерството, според кој, било констатирано дека во изборниот период МНР имало 15 свои возила и две позајмени од Агенцијата за разузнавање, но за нив не се водела никаква евиденција и не може ниту да се докаже колку гориво потрошиле. Сепак, верзијата на Османи е спротивна, пренесе АЛСАТ.

Во нашиот случај, во МНР, нема таков извештај како што беше коментирано во јавноста, во којшто некој внатрешен ревизор констатира, напротив, внатрешниот ревизор вели дека во споредба со минатото има ред. Нема таков извештај, веројатно е погрешна интерпретација, вели Османи.

Осамни одговори и на критиката од шефицата на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, дека тој патувал и држел партиски активности во работно време, во предизборието.

Јас сум, за време на кампања, во работно време бил на партиска прес-конференција. Значи политичар за време на работно време бил на партиска прес-конференција… мојот одговор беше „па и јас имам право на пауза како што има секој граѓанин“. Можеби таа пауза сум ја искористил, рече Османи.

Од Антикорупциска претходно кажаа дека ќе побараат вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска да покрене иницијатива за одговорност за Османи. Засега нема одговор дали ваква иницијатива ќе биде покрената.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.