Државниот и санитарен инспекторат соопшти дека од страна на МВР се води истрага за причините за настанување на пожарот што утрово се појави во депонијата Дрисла.

Како што се посочува во информацијата од Инспекторатот, од страна на одговорно лице за животна средина во Дрисла, согласно обврската од А-Интегрираната Еколошка Дозвола телефонски и по е-пошта утрово е добиено известување дека денеска во раните утрински часови (околу 04:00 часот) е опожарена депонијата Дрисла.

Веднаш се информирани противпожарната служба и службата на МВР – Скопје. Пожарот беше гасен со сопствена механизација и средства како и со асистенција на неколку возила од противпожарна служба. Пожарот е локализиран и изгаснат околу 08:30 часот. Во моментот се води истрага за причините на негово настанување од страна на МВР-Скопје, за што ДИЖС ќе биде информиран во континуитет, се наведува во информацијата објавена на Фејсбук.

ДИЖС, вчера информираше за вонреден инспекциски надзор во Депонијата Дрисла по дојава за загадување на Маркова река.

По телефонска информација од граѓани од Батинци, Студеничани за загадување на Маркова река во претпладневните часови на ден 4 септември е извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Генерален Инспектор за животна средина кај правен субјект Дрисла и на потегот влив на канал во Маркова река, при што од страна на акредитирана лабораторија за животна средина се земени три мостри од водата за лабораториски испитувања по што ќе се финализира инспекциската постапка. При увидот визуелно е утврдено загадување на водите на Маркова река со црно-кафеава течност, наведуваат од ДИЖС.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.