Дипломатски извори од Европската комисија на денешниот брифинг за новинарите одржан во Скопје велат дека не гледаат проблем во врска со тоа како е формулиран македонскиот јазик во преговарачката рамка со ЕУ, потсетувајќи дека во предлог-рамките за Црна Гора и за Србија стоело само „официјален јазик“, пишува порталот Нова.
Македонскиот јазик и идентитет не се доведени во прашање, посочиле дипломатските извори од ЕК на брифингот.
-Самиот факт што се вели дека целото европско законодавство ќе биде преведено на македонски јазик и дека земјата треба да обучи соодветен број преведувачи јасно укажува дека јазикот е заштитен, беше речено на брифингот.
Истите извори изразуваат чудење што овој предлог наишол на реакции поради тоа што францускиот предлог инсистирал македонскиот јазик да биде јасно наведен исто како во случајот со таканаречениот португалски предлог.
Во однос на добрососедските односи претставниците на Комисијата не гледаат големи разлики во овој сегмент меѓу она што го содржи предлог-рамката за Македонија и она што го имаат Србија и Црна Гора кои и двете имаат елементи на добрососедски односи.
Европските дипломати појаснуваат дека добрососедските односи не се дел од Копенхашките критериуми, но се дел од условите за пристапување за земјите од Западен Балкан (внесени преку процесот на Стабилизација и асоцијација) и затоа, според нив, има внимателен вординг во членот 47 од предлог-рамката кој се однесува на делот на тоа што прави Европската комисија во овој процес.
„Комисијата ќе посвети особено внимание на обврските на Македонија во однос на добрососедските односи и регионалната соработка во референца на членот 5 и за имплементацијата ќе ја информира Меѓувладината конференција“, се вели во членот 47 од Предлог-рамката.
-Значи, ние треба само да информираме, објаснува соговорникот од ЕК, правејќи разлика со толкувањата со тоа дека Комисијата ќе треба да изготвува извештаи за оваа тема.
Во овој сегмент објаснувањето од претставниците на Комисијата е дека секоја одлука поврзана со преговорите се носи со едногласност од сите земји членки на ЕУ.
Што се однесува до бараните гаранции дека во иднина нема да има блокади тие велат : „Дали може да гарантираме дека некоја земја, не само Бугарија, нема да блокира?
-Не можеме, велат дипломатите. Но, истовремено објаснуваат дека позицијата на Македонија е посилна ако почне преговори, а не ако остане надвор. Притоа, велат дека не постои конкретен бенчмарк во „добрососедството“ со чие исполнување или неисполнување од страна на Македонија би се формализирала потенцијалната одлука за блокада, објави порталот Нова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.