После изјавата на Радев кој што кажа брутално дрско и безобразно дека македонскиот идентитет се темели на фалсификат или е вештачки и после изјавата на Петков дека решението мора да оди во Парламент и мора да има политички консензус во бугарското општество за решението мислам дека е крајно време ние да видиме каде одиме и како таму да стигнеме. Ние имаме еден екстрем по секоја цена во ЕУ, или другиот екстрем е да ги баталиме ЕУ и да си бараме други партнери, изјави вечерва во Тема на денот поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров во однос на тоа дали треба да ја менуваме стратегијата во разговорите со Бугарија.
Мора да се бориме за вистинска европска игра. Не може некој нас да ни го дообјаснува македонскиот јазик. Не може во преговарачката рамка историјата да биде поважна од борбата против корупцијата. Мораме да направиме политика која што ќе покаже дека ветото е штетно и за Бугарија, оти вака ветото им работи. Ние сме тие што ни се брза, ние сакаме да правиме чекори, а сигналот е ќе дојдат на нашето. Затоа мораме да почнеме да употребуваме зборови кои што ја отсликуваат реалноста. Во моментов политиката на Бугарија кон нас не е пријателска, оти со вакви пријатели не ни требаат непријатели. Кога ќе кажат македонскиот идентитет е фалсификат мора да викнеме ова безобразно, ова е дрско, засрамете се!, рече Димитров.
Димитров потенцираше и дека мора за оваа приказна да се информираат партнерите на Македонија во ЕУ во регионот, Американците и сите други кои што се заинтересирани ова да успее.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.