Ексминистерот за надворешни работи Никола Димитров одново „удри“ по премиерот Димитар Ковачевски. Тој вели дека изненадува изјавата на премиерот Ковачевски кој вели дека сите земји членки на ЕУ ја оправдувале уцената на Бугарија со историјата.

„Прво, тоа воопшто не е точно. Од каде му е тој впечаток на премиерот!? Јас постојано сум низ земјите членки во последните години, и од позиција на министер, ама и сега и ниту гледав ниту гледам разбирање за анахроните антиевропски бугарски позиции. Впрочем, поплаките во Софија дека нема доволно солидарност кон нив и дека не се разбрани, се јавна тема кај комшиите веќе подолго време. А на истата линија беа и обвинувањата кон мене директно од Софија, оти практично им ги разобличував тезите обезбедувајќи да бидат осамени во небулозите. Изјавата на Ковачевски е во најмала рака невнимателна. Но, исто така може да биде и опасна и лесно да биде злоупотребена како притисок токму врз македонските позиции“, посочува Димитров.

Тој додава:

„Оти оди на линија на Радев, кој упорно пласира вакви тези веројатно терајќи домашна политика со прашањето.
Конечно, македонската влада и дипломатија мора повторно да се разбуди и да продолжи да ги разобличува анахроните обиди и аргументи за разнебитување на македонскиот идентитет што речиси целосно се поклопуваат со рускиот наратив за Украинците, без разлика што тоа можеби нема да им се допаѓа на носителите на оваа политика во Софија.
Бидејќи “пријателство” изградено на криви основи, едноставно нема да опстои. Бугарија има подобра преговарачка позиција бидејќи е земја членка, но токму затоа не смееме да престанеме да потсетуваме дека на наша страна се принципите, европските вредности и меѓународното право. И да се бориме за нив. И да бараме помош кај другите земји членки бидејќи се бориме и за образот на Унијата. А не да се навлекуваме на бугарските тези дека поведението им е прифатено и поддржано.

Па ние ќе се срамиме и ќе се стегаме гласно да викнеме дека ни се газат основните права и достоинство? Или ќе направиме Радев да се срами кога вели дека ЕУ не смеела да го “легитимира македонизмот”?“, прашува Димитров.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.