Во однос на тактиката нашиот заеднички став беше – ништо не е договорено додека не е договорен цел пакет и затоа ништо не може да се спроведува. Ние денес направивме една отстапка, без притоа Бугарија да одговори со нешто, што нам ни треба и ни е важно, изјави вечерва поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров во гостувањето во Топ тема на телевизија Телма, во однос на тоа дека Бугарија веќе не се противи на користењето на скратеното име „Cеверна Македонија“ во меѓународните организации.
Тоа што посебно, како што рече, денеска му пречи, и чувствува разочараност, затоа што сме имале позиција во целиот период градејќи ги преговорите со Бугарија дека, повтори, ништо не е договорено, додека се не е договорено, и не може да почнат да се прават отстапки само од едната страна.
Ако денот се познава по утрото, ако едната страна прави отстапки, а другата страна си стои и не мрда, тогаш ова може само да води за жал, кон целосен пораз и целосна победа, изјави меѓу другото Димитров, додавајќи дека од петте точки, една точка била краткото и долгото име, а таа точка сега не постои.
Според него, ние не само што направивме чекор и отстапка, како што рече, туку тоа и го имплементиравме, нотата во ОН е дадена, за возврат немаме обезбедено ништо. Но, тоа да се сврти како Бугарија да направила отстапка, истакна, е несериозно и безобразно.
На новинарско прашање во однос на малцинствата, Димитров меѓу другото се осврна на Советот на Европа и сме, како што рече, договорна страна на Еворпската конвенција за човекови права и тоа што се прави таму, подвлече, во однос на пресудите пример што ги има изгубено Бугарија од сопствени граѓани, не може да биде дел од договорот не мешање во внатрешните работи.
Мојот став, една од позициите за кои се залагав, градејќи ги државните позиции изминатите години кон Бугарија беше Стразбур не можеме да го поклопиме со немешање во внатрешни работи. Проблемот што овде посебно пречи, е двојниот аршин. И Бугарија има обврска да не се меша во внатрешните работи, не само околу малцинското прашање, нема повнатрешно прашање од прашањето на македонскиот јазик. Тоа е кршење на Договорот за пријателство, во тој дел. Или пак тврдењето во едно од документите за етнички инженеринг, тоа е навредливо и директно мешање во внатрешни работи, појаснуваше Димитров.
Димитров смета дека наша исправна позиција ќе биде, како што потенцира, без разлика што тие имаат привелигирана позиција како змеја членка на ЕУ, а ние сакаме внатре, ние мора да ги извршуваме своите обврски и права како земја договорна страна на Европската конвенција за човекови права и земја членка на Советот на Европа.
Тој наведе дека предупредил на ова на прес-конференција споменувајќи ја македонската нота до ОН околу краткото и долгото име на државата.
Прашав дали се размислува тоа да се направи и кажав дека тој чекор ќе ја ослаби македонската преговарачка позиција, рече Димитров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.