Во емисијата „Економски магазин“ на Алсат М телевизија, градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски посочи дека граѓаните не заминуваат од државата само поради социо-економската состојба, туку заминуваат во странство и поради тоа што не сакаат да живеат во несреден систем.

Јас живеам во дел на Куманово како мултиетничка средина во дел на градот кадешто живеат Македонци, Албанци, Срби, па има и неколку ромски куќи кадешто ќе поминам по улица навечер 50% од светлата веќе со години, 7,8 години не светат во дворовите. Тоа значи дека нашите сограѓани не се тука, не се физички присутни и сите се претежно заминати во странство. Не заминуваат луѓето во странство само поради социо-економската состојба. Првенствено, заминуваат поради тоа што не сакаат да живеат во несреден систем. Не сакаат да гледаат како повеќе од 20 години си заминуваат едни, доаѓаат други, без разлика која политичка елита или власт завладее си го префрла топчето од една на друга страна. Паралелно со тоа, имаат еден континуиран партнер од албанскиот блок којшто учествува во секоја власт и никогаш ништо не му фали ниту во еден момент и граѓаните тоа го гледаат. Едноставно сфаќаат дека политичката елита којашто владее манипулира со нив, а нема намера да ја среди државата во целост. Оваа држава можеше да се среди многу поодамна. Проблемот е што ние имаме во светот многу посиромашни држави од Македонија, но луѓето не емигрираат толку. Тоа ви е едноставниот доказ. Во Македонија сите немаат еднакви права и можности, првенствено за да бидете вработени треба да бидете член на политичка партија. Им дадовме можност на децата да учат факултет, задолжително средно образование, а не им дадовме можност потоа кога ќе дојде моментот да се цени кој е по квалитет да се прими, туку партиската припадност е важност. Ако е член на една, друга или трета партија ќе биде вработен, ако не е член нема простор за него и вели нема што да барам тука, се разочарува и си заминува, а токму тоа се луѓето и авангардата коишто можат најповеќе да и допринесат на државата без разлика дали се работи за Македонци, Албанци, Срби, Роми или други припадници на етнички заедници, рече Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.