Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски во интервју за српскиот весник „Политика“ потенцира дека кумановската битка одиграла голема улога во ослободувањето на Балканот од долговековното турско владеење и можеби е клучен чекор во протерувањето на османлиското царство од европскиот континент. Во рамки на српската војска, свој придонес за победата во оваа битка дале и околу 6,000 Македонци.

Во Куманово живеат граѓани од поголем број етнички заедници, а силно застапена е и српската. Како градоначалник на општината доследно се трудам да ги почитувам сите битни датуми, историски и верски настани и традиционални вредности на српскиот народ но и вредностите на сите останати етнички заедници, истакнува Димитриевски.

Димитриевски вели дека Србија и Македонија имаат традиционални добри односи, двата народи се премногу блиски, меѓусебно се помагаат, почитуваат и соработуваат.

Секако, за ваквиот однос допринеле и голем дел на роднински врски меѓу двата народа, но и историскиот факт дека скоро 5 децении бевме дел од заедничка држава дел на антифашистичката коалиција. Конечно добрите врски и односи не се резултат само на политиката, туку првенствено се резултат на взаемното почитување, љубов и изградените емоции помеѓу нашите народи, потенцира Димитриевски.

Во интервјуто, Димитриевски посочува дека во последните години, Македонија е под атак и провокација од Бугарија, која во континуитет се обидува да го негира постоењето на македонскиот јазик, историја, идентитет и култура.

За време на Втората светска војна, Македонија беше во антифашистичкиот сојуз, предводен од партизанските единици на чело со Јосип Броз Тито, давајќи свој допринос и жртви за победата над фашизмот. Мојот град во таа борба даде над осумстотини и пеесет жртви додека тогашната власт во Бугарија беше дел од коалицијата со нацистичка Германија и беше окупатор во Македонија. За жал, денес, со отварањето на таканаречените бугарски клубови во Македонија кои ги носат имињата на партнерите и соработниците на Хитлер, навистина на мала врата се промовира и се реинкарнира фашизмот, вели тој.

Според Димитриевски, ова континуирано негирање на македонизмот од страна на Бугарија се должи на слабата власт во Македонија. Тој го споменува и скандалозното интервју на Зоран Заев во кое поранешниот премиер и лидер на партијата од која доаѓаше и самиот Димитриевски, зборува дека во Бугарија и Македонија живее ист народ, и дека „моето Куманово во НОБ беше ослобоедно од бугарската сојузна војска“.

Овие небулози ме повредија лично, зошто потекнувам од партизанска фамилија, дедовците ми беа учесници во НОБ, потенцираше меѓу останатото Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.