Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска заедно со градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“, извршија увид на градежни активности на улици во индустриската зона „УЗУС“, каде беше дадена и изјава за медиумите.

Запрашана за коментар околу најавите на СОНК за излегување на улица доколку до 26 април не се исполнат барањата на просветните работници, Димитриеска Кочоска истакна дека имајќи во предвид тоа што во државата сѐ поскапе и се зголемија трошоците за живот, единствено што бараат просветните работници се нивните права, па затоа Владата треба да излезе во пресрет и да ги реализира.

Прво во нашава држава буквално сѐ поскапе, но знаењето за жал остана да биде на маргините и во вакви услови кога имаме зголемени трошоци за живот, просветните работници единствено што бараат се своите права и треба да Владата им излезе во пресрет и ги реализира. Прво морам да кажам дека сум згрозена од притисокот кој власта го прави врз просветните работници. Тие штрајкуваат заради тоа што сакаат да го обезбедат истиот начин на живот и истиот животен стандард. Ако ние имаме ненормално поскапување на сите трошоци за живот, зголемувањето на платите ќе значи само дека она што го живееле и начинот на кој што живееле претходно да го имаат и понатаму. Владата и овие притисоци кои што ги прави врз нив само покажува дека ние се враќаме и живееме во 19-ти, а не во 21-ви век, потенцираше Димитриеска Кочоска.

Таа додаде и дека притисоците кои ги прави министерката за труд и социјална политика врз просветните работници дека нема да им бидат исплатени платите се нереални и незаконски затоа што правото на штрајк е загарантирано со устав и тие штрајкуваат на работното место.

Морам да напоменам и тоа дека нереални и незаконски се притисоците од страна на министерката за труд и социјала, затоа што просветните работници штрајкуваат на своето работно место. Значи прво со устав им е загарантирано правото на штрајк и не може да се заканува дека нема да ги добијат нивните плати затоа што тие доаѓаат на работа и штрајкуваат во своите работни простории“, нагласи Димитриеска Кочоска.

Таа за крај уште еднаш упати апел до власта да им излезе во пресрет на просветните работници и истакна дека просветните работници треба да останат до крај на својот став.

Уште еднаш апелирам до власта да излезе во пресрет на просветните работници, а сметам дека тие треба да останат на својот став и да истраат до крај затоа што доколку имаме пред два месеци промена и зголемување на минималната плата, тие ништо друго не бараат освен едноставно да се следи таа пракса“, заврши Димитриеска Кочоска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.