До девет часот во општина Маврово-Ростуше на гласање излегле 549 гласачи или излезноста е 5,52 отсто, а во Центар Жупа излегле 407 гласачи или 5,69 отсто. Во Тетово до девет часот од обработени 94 избирачки места гласале 1.755 гласачи додека останатите избирачки места се во обработка.

Портпаролката на ДИК Љупка Гугутчевска на првата прес-конференција во Скопје информираше дека сите гласачки места се отворени навреме и дека гласањето се одвива тековно, без проблеми.

До ДИК, како што посочи Гугутчевска, пристигати се пет приговори за заштита на избирачко право и сите пет се прифатени.

Четири се од општината Центар Жупа и еден од општина Тетово. Сите пет приговори се прифатени, рече портпаролката на ДИК.

Следната прес-конференција на ДИК е најавена во 11:30 часот, а ќе се одржи во Тетово каде на терен се членови од ДИК.

Во текот на вчерашниот ден гласале вкупно 93 болни и изнемоштени лица и 94 гласачи кои се на издржување казна затвор или во притвор во пет казнено-поправни установи.

Во Центар Жупа се гласа за еден кандидат за градоначалник, додека во Маврово-Ростуше за двајца кандидати за градоначалник. За изборите за градоначалник да бидат успешни потребно е на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните избирачи и мнозинството да гласаат за еден од кандидатите, односно за едниот кандидат во Центар Жупа. Во општина Тетово на гласачкото ливче има 13 листи на кандидати за членови во Советот на општината. Мандатите ќе бидат распоредени според бројот на добиени гласови користејќи ја Донтовата формула.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.